Во пресрет на светската премиера која е најавена за крајот на септември, Land Rover ги објави првите фотографии за петтата генерација на моделот Discovery.
“Тизер” фотографиите засега ја покажуваат само предната страна на новиот автомобил, а многумина се согласија дека британската автмобилска компанија го следи дизајнерскиот правец кој беше започнат со компактниот модел Evoque, а подоцна беше продолжен и со моделот Discovery Sport.
Тоа значи дека Land Rover го напуштија конзервативниот пристап на дизајнирање на каросеријата, кој ги одбележа претходните генерации на моделот Discovery.
Во секој случај, со детали кои за прв пат беа видени на концептниот модел Vision и атрактивно дизајнираните LED светла, новиот Discovery сега изгледа многу помодерно од своите претходници.
И петтата генерација на Discovery настана на познатата алуминиумска платформа на Land Rover, која послужи како основа и за моделите Range Rover и Range Rover Sport, што значи дека новиот Discovery ќе биде значително полесен од својот истоимен претходник. Исто така, беше потврдено дека новиот Discovery ќе ја нуди опцијата за седум седишта.