Мерилин Монро несомнено има извршено големо влијание врз сите генерации на жени, без оглед на возраста. Нејзината безвременска убавина, досетливост, шарм и самодоверба ретко кого можат да остават рамнодушен, а тоа е главната причина зошто сѐ уште се зборува за неа и покрај тоа што веќе долги години не е меѓу живите. Сепак, денес многумина велат дека на оваа неверојатна убавица ѝ се придава преголемо значење и дека жените немаат што да научат од неа, освен тоа како да ја користат нивната сексуалност и да ловат мажи за пари. Меѓутоа, без разлика какво мислење имате за неа, мора да се согласите дека таа успеала да остави голем печат и да покаже неизмерна женска сила и упорност во време кога светот им припаѓал на мажите. Ова се 7-те животни лекции од Мерилин Монро кои жените би можеле да ги применат и денес…
1. Сите жени се убави
„Никој не ми имаше кажано дека сум убава кога бев мало девојче. На сите девојчиња треба да им се вели дека се убави, дури и да не се.“
Замислете колку посреќни би биле жените кога некој секојдневно би им кажувал колку се убави. Замислете си како би било кога фотошопираните слики од слаби модели не би креирале недостижни и нереалистични стандарди за убавина. Замислете си свет во кој жените се целосно задоволни од нивниот изглед!
2. Бидете жена во машкиот свет
„Не ми пречи да живеам во машки свет, сѐ додека можам да бидам жена во него.“
Уште пред сите модерни дебати за машката и женската доминација, Мерилин знаела како да биде жена во машки свет. Некои сигурно мислат дека со нејзините тесни фустани, дијаманти и длабоки деколтеа, таа создала слика на секс-симбол поради што многумина не ја почитуваат баш. Но, без оглед на тоа, таа сето тоа го направила благодарение на нејзиниот неоспорлив стил, талент и шарм.
3. Не плашете се да покажете ранливост
„И јас имам чувства. И јас сум човек. Сѐ што посакувам е да бидам сакана поради тоа што сум и поради мојот талент.“
И покрај сите нејзини внатрешни борби и демони, сите се вљубија во нејзината ранливост, нежност и копнеж да биде сакана поради нејзината внатрешна убавина, а не поради нејзината сексуална привлечност. Денес работите воопшто се немаат сменето. Мажите сѐ уште ги гледаат жените на тој начин. Но, сексуалната привлечност не зависи само од прекрасната фигура и убавите очи. Се работи за нешто што доаѓа однатре. Се работи за самодовербата и ранливоста, интелигенцијата и оригиналноста, вредноста и благодарноста, а Мерилин ги поседувала сите овие карактеристики.
4. Работата не е сѐ во животот
„Успешната кариера е прекрасно нешто, но таа нема да ве прегрне навечер кога ви е ладно.“
Таа знаела кои се нејзините приоритети, а тоа не била нејзината успешна кариера. Што е животот без љубов? Мерилин исто така знаела дека попрво ќе остане несреќна сама, отколку несреќна со маж. Никогаш не прифаќала помалку од она што го заслужува.
5. Внимавајте на вашиот изглед
„Сакам да се шегувам, но не сакам да изгледам како шега.“
Таа ја поседувала совршената комбинација на гламур, снаодливост и интелигенција и токму поради тоа сите мажи ја обожавале. Мерилин освојувала со нејзината внатрешна привлечност. Сексуалната привлечност во голема мера зависи и од мистериозноста и од разбирањето на фактот дека помалку е повеќе кога станува збор за откривањето работи за себе.
6. Има поважни работи од парите
„Јас не сакам да заработам пари. Јас само сакам да бидам прекрасна.“
Велат дека доколку сте прекрасни и страсни, парите сами ќе си дојдат.
7. Од секое правило постои исклучок
„Ако слепо ги следев сите правила, никогаш немаше никаде да стигнам.“
Во денешно време постојано се соочуваме со толку многу правила наметнати од општеството, родителите, професорите и другите авторитети, што честопати не се ни прашуваме дали воопшто се согласуваме со нив, туку само слепо ги следиме. Не заборавајте дека ништо не МОРА да направите и запрашајте се што САКАТЕ да правите. Не плашете се да преземате ризици и успехот ќе биде неминовен.