Категории

Направен да се распадне, а сепак да го сочува животот на возачот

Во текот на вчерашните бркотници во коишто учествувале неколку возила, во Лос Анџелес е уништен еден McLaren 650S Spider, но неговиот возач минал речиси без повреди.

Современите суперспортски автомобили се конструирани такашто во својот централен дел имаат некаков вид на заштитна школка – најчесто изработени од карбонски влакна – чијашто цел е да го заштити возачот и совозачот во случај на сообраќајна незгода. И додека е предвидено за таа да остане комплетна и недопрена во случај на судар, другите делови од каросеријата се проектирани како таканаречени “зони на гмечење”, коишто треба да се распаднат и на тој начин да ја амортизираат силата на ударот, како би се ублажиле последиците од сообраќајната незгода по патниците.

McLaren во конструкцијата користи MonoCell шасија излиена во еден дел од карбонски влакна. Тоа, помаѓу останатото, донесува и предност којашто се огледува во намалената маса на самиот автомобил, со постигната неопходна торзиона цврстина, што сето тоа заедно ги унапредува агилноста, удобноста и перформансите.

raspadne-monocell-socuva-kabina-04

Инаку, MonoCell шасијата е тешка помалку од 100 килограми, а за 25 отсто е поцврста од еквивалентна метална структура. Таа е исто така и за 25 отсто полесна од алуминиумската шасија, при што разликата во масата во однос на челичната шасија е уште поголема.

Ваквиот вид на конструкција е помоќна и побезбедна при случај на судар, бидејќи се однесува како безбедносна ќелија, исто како што тоа е случај и со болидите на Формула 1.

А на возачот на овој McLaren, MonoCell конструкцијата најверојатно и му го сочувала животот, а со сигурност го спасила и од потешки повреди, со оглед на фактот дека после прегледите, како што јавуваат локалните медиуми, тој бил веднаш пуштен од болница.

Но она од што тој со сигурност нема да се спаси, е казната којашто ќе му ја врачи судијата поради насилничко возење и тркање по улиците на Лос Анџелес…

Прегледи:
414
Објавено на:
10.11.2016