Категории

Да паметиш по доброто

Едно момче од моето маало беше најкултурниот сосед што го познавам. Секогаш им помагаше на постарите да преминат улица, купуваше леб за сите кои не можеа да излезат од дома, го чистеше влезот и го ранеше маалското кученце. Истото тоа момче еднаш направи мал инцидент со едно друго дете од зградите подолу и несакајќи го повреди. Од тој ден, сите во нашето маало го паметеа најкултурното момче по овој инцидент и веќе тој никогаш не беше она што беше порано.
Едно девојченце од мојот клас беше највредната ученичка. Учеше, редовно ги пишуваше своите домашни задачи и им помагаше на сите со истите. Одеше на многу натпревари на кои гордо го претставуваше нашето училиште. Сите се гордевме со неа. Сите се гордеевме со неа се’ додека дојде период во кој тоа исто девојче се изгуби и почна да се однесува чудно. Не сакаше да учи, не доаѓаше на училиште и почна да зборува со гнев и омраза. Сите престанавме да се гордееме со неа и ја посочивме за лошо девојче. Таа во нашите очи веќе никогаш не беше тоа што беше некогаш.

Ние никогаш не дознавме дека најкултурното момче од нашето маало имаше сериозни домашни проблеми и насилен татко.
Ние никогаш не дознавме дека највредната наша ученичка беше дел од семејство каде двајцата родители и’ ги беа отпуштиле од работа без причина и немаа од што да живеат.
Луѓето не се она што се во еден момент од животот.
Луѓето се многу повеќе од тоа.
Луѓето се збир од моменти.
И на вас останува да ги паметите по она по кое би сакале и вас некој да ве памети.
По доброто.

– Ксенија Николова 

Прегледи:
613
Објавено на:
18.11.2016