Поголем број нови автомобили трошат за 30 отсто повеќе гориво во однос на потрошувачката наведена во декларациите, покажуваат тестовите на „Емишнс аналитикс“.
Возачите тоа набрзо и го чувствуваат на своја кожа, нивните автомобили се многу пожедни на пат отколку што тврдат производителите во брошурите. А, причина за тоа, која секако им одговара на производителите, е начинот на тестирање на потрошувачката, што се спроведува во идеални лабораториски услови.
Кога потрошувачката се мери во реални услови на возење, сепак, се добиваат резултати повисоки и за 45 отсто. „Емишнс аналитикс“ тестира 60.000 автомобили со мобилна опрема поставена на возилата што се движеле во реални сообраќајни услови.
Резултатите практично се поразувачки за сите производители на автомобили и нивните модели – освен за два. Имено, само „астон мартин винтаџ“ и „нисан 370Z“ навистина ја постигнуваат фабричката потрошувачка, а таа е дури и нешто пониска во однос на официјалните податоци на производителот („астон мартин“ за пет отсто, a „нисан“ за еден отсто).
Од друга стрна, во ова испитување најлошо помина „ФИАТ 500“. Неговата реална потрошувачка е за 45 отсто поголема од фабричката.
Не се прославија ниту некои други популарни модели како што се „форд фиеста“ и „форд фокус“, „тојота јарис“ и „мини“, кои трошеле 40 отсто повеќе од декларираните податоци.
Многу дизелаши, меѓу кои и „голф“ и „пежо 308“, чиј најголем адут е токму ниската потрошувачка, исто така, ги пречекорија фабричките податоци за 40 проценти. Најмали отстапки забележани се кај „хонда сивик“ (+21 отсто) и „ситроен C3“ (+28 отсто).
Со цел да се намалат разликите меѓу декларираната и вистинската потрошувачка во Европа во 2017 година се воведува нов начин на мерење. Иако и понатаму мерењето ќе биде врз основа на лабораториски услови, овој тест ќе биде помериторен од последниот.
Додека сега разликата во просек е 30 и повеќе проценти, благодарејќи на новиот тест, таа ќе биде преполовена, проценуваат експертите, па отстапувањата не треба да изнесуваат повеќе од 10-15 отсто.
Тие, сепак, истакнуваат дека новите модели треба да се тестираат во реални услови во сообраќајот, на патишта каде има и надолнина и угорнина, кривина и вклучени клима-уреди, така што корисниците добиваат реална претстава за тоа колку нивниот иден автомобил навистина троши гориво, наместо да се доведуваат до заблуда.