Категории

ТАКСИРАТ МЕЃУ 10 НАЈДОБРИ ЕВРОПСКИ ФЕСТИВАЛИ

Фестивалот Таксират е изгласан од страна на фестивалската публика за еден од најдобрите европски фестивали во рамки на European Festival Awards, најпрестижното европско фестивалско признание!

unnamed

ТАКСИРАТ годинава се најде во друштво на 10-те најдобри фестивали во Европа, во категоријата „Best Indoor Festival“, меѓу кои се и фестивали како „Reeperbahn“ (Германија), „Le Printemps de Bourges“, „I Love Techno“ (Франција), „Out.Fest“ (Португалија) и други.

Европските фестивалски награди се најзначајното меѓународно признание за препознавање на квалитетот на фестивалските организации на кои се должи енергичната фестивалска сцена во Европа. А ова признание за Фестивалот доаѓа и во вистински момент за прослава, односно на само неколку дена од одржувањето на главната вечер на Таксират, кога ќе прославуваме заедно со фестивалските посетители – оние кои се најмногу заслужни за оваа чест. Добитниците на наградите ќе бидат презентирани на свечената церемонија во Гронинген, Холандија која се одржува во рамки на Eurosonic Noorderslag конференцијата, на 11-ти јануари 2017.

Овие награди се доделуваат од 2009 година, а ТАКСИРАТ фестивал 8 години по ред се закитува со номинација во две категории „Best Indoor Festival“ и „Best Small Festival“. Минатата година, повеќе од 1.2 милиони фестивалски посетители гласаа за најдобрите фестивали, а вкупно учествуваа повеќе од 350 фестивали од 35 земји во Европа.

Во оваа прилика се заблагодаруваме за довербата и поддршката на сите оние кои гласаа за Таксират!

Потсетуваме дека ТАКСИРАТ годинава започна на 13-ти ноември со спектакуларниот концерт на легендарниот Жан-Мишел Жар, а само во досегашната програма на ова издание, во Скопје се одржаа над 30 концертни настапи, ПИН конференцијата со над 40 говорници, трите распродадени изведби на најпопуларниот бродвејски мјузикл Монти Пајтон Спамалот, изложби, филмски проекции и различни културни содржини кои привлекоа повеќе од 13.000 посетители.

По речиси точно еден месец од отворањето, на 9-ти декември во Метрополис Арена, ТАКСИРАТ ја пречекува својата публика на главната фестивалска вечер за заокружување на 18-тото издание на фестивалот. Финалната вечер на ТАКСИРАТ 18, како целовечерно славење на македонската музика, за првпат во историјата, на иста сцена ќе ги претстави гигантите на домашниот современ звук: АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН и ЧИСТА ОКОЛИНА, а подебникот на годинашниот ЛУЗЕР ФЕСТ, групата CONTACT 59 ќе има чест да ја отвори програмата!

Прегледи:
402
Објавено на:
04.12.2016