Ти честитам. Ти благодарам. Ти се восхитувам. За стореното, да. Успеа. Успеа да не доведеш до овој степен.
Успеа да ја расцепиш сета љубов кон тебе која живееше во мене. Заврши се ко да не било, а беше. Заврши се пред да започне. Ти така сакаше.
Јас жалев три дена, а ти ни толку. Брзо закрепнав. Се вратив во форма. Повторно бев старата јас. Онаа силната. Еве ме сега, во твојот кафич со твоите другари на онаа истата маса. Нашата. Како во старите денови. Пиеме пиво, се смееме.
Центар на внимание. Главни! Како цел свет да е наш. Но, овој пат сме за еден помалку. Ти си таму. Не си овде. Не си со нас. По очите ти познавам дека си вознемирен. И по движењата исто. Те издаваат.
Како да ти пречи што сум овде, со нив. На маса со еден куп волци, бев единствената волчица. Сите ги забележувавме погледите вперени кон мене.
А знам дека сакаше и ти да бидеш на таа маса. Но, ти беше незгодно. Знам миличок. Знам се. Ја знам и причината. Бидејќи ние двајца не си зборуваме повеќе, ти ја немаш таа смелост и храброст да дојдеш на таа маса.
Ќе бидеме очи в очи. А во тој миг ти можеби нема да почувствуваш болка, но јас со сигурност ќе се борам да го преживеам тој миг и таа болка која живее длабоко во мене. Затоа немој. И јас не би сакала да си овде. Остани си таму.
А знам дека ти е криво. И знам дека те боли. Но, не заборавај дека ти го сакаше ова. “Јас не сум за тебе“, беа твоите зборови, ги паметиш? Тоа се зборовите со кои ме уби. Уби се меѓу нас. Ако воопшто постоеше нешто.
Сакаше да останеме пријатели. Но, јас не сакав. Бидејќи ја немав таа сила. Не ќе можев да го издржам тоа. А и какви пријатели ќе бевме? Пријатели кои кога ќе се сретанат на улица ќе го менуваат својот правец или ќе си ја вртаат главата на другата страна, само за да го избегнат она “Здраво” и погледот во тој миг.
Ми рече дека вака ќе е подобро и за двајцата. Дека вака ќе сме посреќни и помирни. Сега што бидна? Посреќни сме? Не сме миличок, воопшто не сме. Те гледам. Во еден час испуши цела пакета цигари. Нервозен си. Место не те држи.
Миличок ова не се знаци на среќа и мир туку на несреќа и немир. Знам дека се доволни само неколку чекори за се да биде како што треба.
Но, јас нема да бидам таа која прва ќе зачекори. По втор пат нема да ја направам истата грешка. Еднаш дозволив срцето да ми биде пред разумот. И погрешив.
Еве што се случи. Поради тоа мој миличок, сега ќе оставам на времето. Тоа нека те однесе каде што треба да си. Дали кај мене или на друго место, ќе видиме. А јас нема да брзам.
Ќе чекам. Ќе си седам настрана, ќе те гледам, ќе те чувам и сакам повеќе од секоја.
Но, ќе те оставам на времето кое најдобро ќе покаже каде треба да бидеш. А ТИ САМО БИДИ МИ СРЕЌЕН.
И.А.