Категории

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ГО ПРЕТСТАВИ НОВИОТ ТИМ НА ДЕТСКАТА КАРДИОХИРУРГИЈА

ВРВНИ ДЕТСКИ КАРДИОХИРУРЗИ ОД ТУРЦИЈА ГО НОСАТ ИСКУСТВОТО ВО МАКЕДОНИЈА

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беше претставен новиот кардиохируршки тим од Детската кардиохирургија. Станува збор за искусен тим од 15 професори, доктори и сестри од кои дел се од „Аџибадем“ од Турција. Во тимот е д-р Владимир Чадиковски, кој е единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава, но и уште неколкумина доктори кардиохирурзи, кардиолози, интернисти, анестезиолози, перфузионисти и педијатри.

Целта е да се преслика успешното искуството кои болниците на „Аџибадем“ во Истанбул ги има со детската кардиухирургија. Овие центри зад себе имаат повеќе од 15.000 операции. На претставувањето д-р Чадиковски изјави дека интервенциите ќе започнат наскоро.

„Ми претставува задоволство да бидам во тим со ценетите колеги детските кардиохирурзи од ‘Аџибадем’ од Истанбул. Драго ми е да бидам дел од голема корпорација, а имав можност да одам и таму и навистина сум фасциниран од комплексноста на операциите што се извршуваат таму и од бројот на интервенции што ги реализираат. Од тој аспект, ми претставува посебно задоволство што ќе имаме можност да направиме еден референтен акредитиран центар и во Македонија. Помошта од колегите ќе значи и промовирање на успешниот модел таму, а сето тоа за децата со срцеви мани“, вели д-р Чадиковски.

Предност е што тимот доктори кои доаѓаат од Турција ќе бидат достапни секоја недела во земјава. Во тимот кардиохирурзи од Турција се и проф. д-р Јусуф Кенан Јалчинбаш и проф. д-р Ерсин Ерек.

„ Пред неколку недели со д-р Чадиковски се состанавме и во Истанбул. Тој нè посети и ни ги пренесе плановите за развој на детската кардиохирургија и за отворање на еден таков оддел тука, во Клиничката болница „Аџибадем Систина”. Д-р Чадиковски има големо искуство со детската кардиохирургија и направил над 400 интервенции во таа област. Во Истанбул постојат два центри за детска кардиохиругија „Аџибадем Атакент” и „Аџибадем Бакркој”, каде заедно со професорот Ерсин имаме оперирано над 15.000 пациенти. Идејата е со здружени сили да работиме понатаму, да се поврзат центрите од „Аџбадем” од Турција со „Аџибадем Систина” во Скопје и целокупниот тим на доктори заедно со главниот перфузионист Мурат Боз да бидат на раполагање“, изјави д-р Јусуф Кенан Јалчинбаш.

Редовноста на присуството на докторите од Истанбул обезбедува континуитет и целосно задоволување на потребите.

„За нас претставува огромно задоволство што присуствуваме тука, во „Аџибадем Систина” и што можеме да го споделиме нашето искуство со македонските колеги. Ќе вложиме максимални напори и ќе дадеме сè од себе за децата во оваа наша братска земја. Ќе им помагаме на нашите колеги во „Аџибадем Систина” најмогу што можеме“, посочи и проф. д-р Ерсин Ерек.

Овој тим ќе биде задолжен за кардиолошки интервенции кај деца, а во следниот период „Аџибадем Систина“ има за цел да стане референтен центар за третман на вродени срцеви заболувања кај деца не само во Македонија туку и на целиот Балкан.