Главната уредничка на американскиот Vogue, Ана Винтур, доби Dame признание од страна на британската кралица Елизабета II, на церемонијата во Бекингамската палата за својот допринос во модата и новинарството. Винтур е родена во Обединетото Кралство каде ја започнала својата кариера во модното новинарство и две години работела како уредничка на британскиот Vogue. Веќе 30 години со ред Ана е една од највлијателните и најдоминантни личности во светот на модата, а својот допринос има дадено и во уметноста.
На свечената церемонија таа присуствуваше заедно со нејзината ќерка Би Шафер, која после церемонијата објави фотографија од големиот успех на својата мајка. Позната по својот боб и класичните големи очила за сонце, Винтур остана верна на својот препознатлив стил и за оваа свечена пригода облече розов Chanel капут, Manolo Blahnik салонки во бежова нијанска и неизбежните црни очила за сонце кои ги изваде во текот на примањето на признанието. За BBC таа изјави дека е бескрајно благодарна на кралицата и покрај сите награди кои ги добила, оваа ја смета за навистина посебна.