Категории

Арсовска: Со СЗО спроведуваме истражување за минимизирање на последиците по здравјето и економијата

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, денес информираше дека во соработка со Џон Дентон, генералниот секретар на Интернационалната стопанска комора, заеднички го отпочнаа проектот за глобално истражување со Светската здравствена организација СЗО, за предизвиците од COVID 19 со кои се соочува приватниот сектор.

„Во координиран напор за справување со COVID-19, соработуваме на глобален проект со Интернационалната стопанска комора и Светската здравствена организација. Целта е да се развијат решенија за намалување на последиците од глобалната пандемија, да се развие сеопфатен одбранбен систем од повеќе аспекти за тоа како да се справи општеството на здравствен и на економски план со оваа состојба, но и со идни слични предизвици. До овој момент заедно со нас, се вклучија 94 држави, со најактивен придонес во истражувањето од САД, Канада, Мексико, Австралија, Португалија, Италија, Ирска и Шведска. Ќе се заложиме активно македонските, но и компаниите од регионот да дадат свој придонес во реализација на овој проект, за да се добие реална слика за состојбата во приватниот сектор, со цел да се развијат потребните и вистинските насоки за справување со кризата”, истакна Арсовска.

Пандемијата COVID-19 е глобална здравствено и социјално вонредна кризна состојба, за која е неопходна итна акција на владите ширум светот не само за санирање на здравствените, туку и на економските последици. Подготвеноста за иднината, но и за рано, смело и ефикасно дејствување ќе ги намали краткорочните ризици и ќе превенира губењето на работните места, но исто така ќе ги неутрализира и потенцијалните долгорочни последици по деловните активности и економијата. Ова истражување е еден од чекорите во уникатната соработка со Интернационалната стопанска комора и СЗО, за да се обезбедат информации поврзани со COVID-19 за приватниот сектор и да се развијат квалитетни насоки за реализација на економски мерки низ целиот свет.

Со заедничка изјава, организациите повикаа на усвојување на инклузивен пристап за целото општество, за брз одговор во справувањето со пандемијата COVID-19. Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека овој проект ќе овозможи да се согледа моменталниот тек на деловните активности.