Категории

„Baroque Treasures“ – камерен концерт на ансамблот „Г.А.П.“ во Македонската филхармонија

„Baroque Treasures“ е насловот на камерниот концерт на ансамблот „Г.А.П.“, кој ќе се одржи овој четврток, на 1 ноември во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија. Ансамблот „Г.А.П.“ е составен од врвни музички уметници кои активно настапуваат на европските и светските сцени: Емилио Перцан – барокна виолина, Ориол Ајмат Фустe – барокно виолончело и Лука Квинтавале, чембало.

Ансамблот „Г.А.П.“ ќе изведе дела од автори од периодот на музичкиот барок – Хајнрих Игнац Франц фон Бибер, Жан-Батист Бариер, Џовани Антонио Пjани и Антонио Вивалди.

Името на ансамблот „Г.А.П.“ формиран во 2012 година, доаѓа од иницијалите на италијанскиот виолински виртуоз од 18. век, Џовани Антонио Пjани (Giovanni Antonio Piani). Овој ансамбл се состои од музичари-инструменталисти кои се на водечки позиции во најистакнатите европски барокни оркестри. Соработката со уметници како Викторија Мулова, Чечилија Бартоли, Даниел Хоуп, Кристоф Русе и Едита Груберова, како и настапите во концертни сали како Берлинска филхармонија, Театро Колон во Буенос Аирес, Палатата на музиката во Барселона, се само дел од искуствата што овој ансамбл ги има стекнато во досегашната кариера.

Во 2012 година, ансамблот го издаде ЦД-то насловено „Афетуозо“, кое едногласно беше оценето од критиката како „високо уметничко достигнување и како вистинско откритие“. Нивните два следни албуми исто така се оценети со највисоки оценки во светските музички списанија.