Категории

Белградската филхармонија доаѓа во Скопје

Еден од најдобрите оркестри на Балканот, Белградската филхармонија, на 9 октомври во 20 часот ќе гостува во Филхармонија. Диригент е маестро Габриел Фелц (Германија), а на програмата е Симфонијата бр.6 од Густав Малер.

Основана во 1923 година, Белградската филхармонија денес се позиционира како најдобар оркестар во регионот и ансамбл кој претставува освежување на меѓународната концертна сцена. Според светските медиуми, Белградската филхармонија е култен српски оркестар (Financial Times), еден од водечките европски оркестри (Independent), оркестар кој гледа само напред (Washington Post) и ансамбл кој со себе носи голема доза наследство и гордост (New York Times).Специфичниот имиџ,како резултат наинвентивните уметнички концепти и креативниот маркетинг, влијаеше на препознатливоста на оркестарот. На тој начин Белградската филхармонија набрзо привлече многу познати имиња од класичната музика кои ја дадоа својата поддршка за нејзиниот понатамошен развој. Меѓу нив особено се издвојува повеќедецениското пријателство со ЗубинМехта, кој редовно одржува добротворни концерти со оркестарот. Белградската филхармонија е прв оркестар во регионот, но и пошироко кој ги започнува своите концертни сезони со комплетно распродадени билети. Шеф-диригент на Белградската филхармонија од сезоната 2017/18година е Габриел Фелц, а главен гостин-диригент е Даниел Рајскин. Во последните неколку години, оркестарот имаше забележливи меѓународни турнеи и гостувања во Италија, Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Франција, Словенија, Хрватска, Оман… Најважниот интернационален ангажман во новата историја на овој оркестар е првата турнеја во САД која опфати настапи во Чикаго, Кливленд, Вашингтон и во њујоршкиот „Карнеги хол“, во октомври 2014 година. Од поновите меѓународни успеси се издвојува гостувањето во Москва, во престижната сала „Чајковски“, во септември 2016 година, како и двата многу успешни настапи во Музик ферајн во Грац, во 2018 година.

Белградската филхармонија во 2017 година, започна традиција на концерти на отворено кои бележат историски успех и се едни од најголемите од областа на класичната музика на Балканот. Повеќе од 30 илјади луѓе присуствуваа на првиот концерт кој го водеше шеф-диригентот Габриел Фелц, а како специјален гостин настапии познатиот Зубин Мехта.

Габриел Фелц е шеф-диригент на Белградската филхармонија од сезоната 2017/18 година. Од 2013 година работи и како генерален музички директор на Дортмундската опера и шеф-диригент на Филхармонијата во Дортмунд. По три многу успешни години, договорот му е обновен до 2023 година. Со необичните програми и забележливото подобрување на уметничкиот квалитет, успеа значајно да ја зголеми посетеноста на концертите на сите овие оркестри. Габриел Фелц е роден во 1971 година во Берлин. Од 1989 до 1994 година, студирал на Музичката академија „Ханс Ајзлер“ во Берлин, на одделите за диригирање и пијано. По студиите, станал асистент на Герд Албрехт во Хамбуршката државна опера (1994–1995). Своите први ангажмани ги добил во операта во Либек (1995–1997) и во театарот во Бремен (1997–2001). Габриел Фелц диригирал со водечките оркестри во Германија, како што се Дрезденскиот државен оркестар на Саксонија, Симфонискиот оркестар на Баварската радио-телевизија, Баварскиот државен оркестар, Германскиот симфониски оркестар од Берлин, оркестарот „Концертхаус“ од Берлин, оркестарот на Франкфуртската опера и музеј, Државната капела од Вајмар… Богатата дискографија го прави еден од најистакнатите диригенти на својата генерација. Неговиот репертоар опфаќа дела од Моцарт и Бетовен преку Рахмањинов, Елгар, Прокофјев, Скрјабин и Рихард Штраус до Ноно и Лигети. Снимката на сите симфонии од Малер (за продуцентската куќа Dreyer-Gaido) кои Фелц ги реализира со Филхармонијата на Штутгарт беа оценети од критичарите како „најнеобичен и најконтроверзен циклус во последните години“.