Категории

Богомилски Марш – Планинарска авантура во недопрена природа

Тридневно, над 54 километарско патешествие е едноставниот опис на Богомилскиот Марш, подвиг кој носи години наназад стотици планинари на пат низ полиња, ливади, врвови и длабоки шуми.

Овој пат 29-ти април беше маркиран како старт на викенд авантурата која беше закажано да заврши на 1-ви мај на Водно, во организација на еколошко планинарското друштво I love hiking – group Macedonia.

Како да стигнете од Велес до Скопје? Освен автопат можете и преку Богомила, Папрадиште, па да преспиете во Чеплес, да се воодушевувате на неверојатните Нежилови Карпи, да добиете добредојде и топол чај од македонската војска на Солунска Глава, да се симнете преку Јурукова Карпа и да минете и се заборавите во недопрена мистична шума која ве маѓепсува од нас наречена – Алиса.

Недопрената природа значи и недостиг на мостови, па ќе соблечете обувките, ќе ја поминете боси Кадина река која ви го попречува патот кон планинарскиот дом Караџица и ќе уживате во секој момент од тоа патешествие.

Во ПД Караџица, покрај домаќините, ве пречекува и група извидници, деца во чиј жагор гледаме надеж за идни планинари.

Поминатите 30 километри веќе ти носат значителен умор, но убав топол оброк, дружбата, шегите и смеењето ти даваат енергија, ти даваат елан да го продолжиш патот, да стигнеш до Водно.

Се будиш пред изгрејсонце, тргнуваш во мугри и веќе ги газиш километрите зацртани за денот, а сонцето се буди, го бои утринското небо во неверојатни бои кои те тераат да застанеш за момент, да земеш здив и да го меморираш моментот длабоко во себе. Тоа те храни и ти дава енергија да се движиш, како што во текот на трите дена ни даваа енергија илјадниците цвеќиња, разеленетите полјани, високите дрвја, свежиот планински воздух.

Се движиме и сфаќаш дека се приближуваш кон цивилизацијата со самиот факт што гледаш каков пустош остава човековата рака. Стотици дрвја исечени, којзнае од кого, којзнае зошто, но те боли и гневен си за секое исечено дрво.

Патот до Скопје е долг, Ден на трудот е, 1-ви Мај. Поминуваме низ Марков Манастир, излет прават стотици луѓе, а ние правиме кратка пауза на Кадина Река. Ни ја дава силата, па продолжуваме. Првите два дена од маршот облаците не беа покриле, а денес сонцето не следи, цел ден.

После 9 часа одење, стигнуваме на врвот на Водно, еколошко планинарското друштво I love hiking – group Macedonia. го реализира својот прв Богомилски Марш, а 20-тина енергични марширачи, со последни сили и насмевки стигнуваат на својата цел.

Се радувме, за подвигот, за дочекот, за тестот кој си го зададовме и сите го поминавме. Нека ни е на здравје.

 

Прегледи:
1150
Објавено на:
04.05.2017