Категории

Честит 8-ми септември: 30 години независна, суверена и самостојна Македонија

Денес Република Македонија одбележува 30 години од референдумот на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. 

На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегле на референдумот, позитивно одговориле на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас).

По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собирале на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје каде Македонското радио организирала свеченост насловена „Глас за Македонија“ со настап на стотина естрадни ѕвезди.

Тогашниот иден прв Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров се обратил кон македонскиот народ со историскиот говор:

„Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.

Денот на независноста како државен празник е неработен ден во Македонија.