Категории

Честит 8-ми септември, Ден на независноста!

Овој празник ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ.

На 8. септември 1991 година убедливо мнозинство – 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас).

На референдумот му претходела Декларација за независност што првиот повеќепартиски Македонски парламент ја усвоил на 25 јануари 1991 година.

По затворање на избирачките места, идниот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, се обратил кон македонскиот народ со историскиот говор:

„Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.