Категории

Првото велигденско јајце има магична моќ

Црвените јајца се главно обележје на Велигденските празници. Тие се симбол за животот и новото раѓање т.е. воскреснувањето. Според традицијата, првите јајца се бојосуваат на Велики Четврток, а она јајце кое прво ќе биде бојосано има магична моќ. Според македонската традиција, во различни региони се бојосуваат различен број јајца на Велики Четврток. Некаде се бојосува само едно, на некои места три, додека некои бојосуваат онолку колку што има членови семејството, плус едно. Според верувањето, домаќинката мора да стане рано, пред зори и да ги бојоса јајцата на Велики Четврток, за да не биде видена од никого, па дури ни од сонцето. Првото јајце се вика уште и Господово јајце и се верува дека тоа има магични моќи – велат дека ова јајце може да стои со години и да не се расипе. Следното јајце се бојосува за домаќинот на куќата, третото за стоката и бериќет и така натаму. Преданијата велат дека со првото црвено јајце се лекуваат некои болести. Но, исто така се вели дека домаќинката која го бојосува не смее да биде гладна кога го извршува обредот, туку мора да касне барем едно залче леб. Доколку е гладна, таквите јајца нема да донесат благодет, туку напротив, може да донесат болест и несреќа во домот. Откако ќе изгреат првите сончеви зраци, домаќинката треба да го земе првото јајце и да ги разбуди најблиските поминувајќи им со јајцето по лицето, гласно кажувајќи ги зборовите: „Црвено, бело, дебело…“ три пати.