Категории

Дали знаевте дека лубеницата не била отсекогаш толку вкусна?

Лубеницата е омилено летно овошје и на децата и на возрасните. Тоа што веројатно не го знаете е дека таа не била секогаш така вкусна.

Лубеницата од древните времиња тешко би ја препознале и нејзините најголеми фанови. Таа била цврста, преполна со семки, бледо зелена и горчлива. Се работи за автохтоно овошје од Африка кое на овој континент е одгледувано од древните времиња. Во Југозападна Либија е ископано семе старо 5 000 години, а остатоци од лубеница кои датираат од 1500 година п. н. е. се откриени под ѕидовите на храмот во Судан.
Археолозите откриле семе од различни видови на лубеници во гробниците во древниот Египет, стари повеќе од 4000 години. Се работи за издолжени пустински лубеници и диви лубеници.
Хортикултурологот од Организацијата за земјоделски истражувања во Израел, Хари С. Парис, во својот труд истакнува како Еѓипќаните најверојатно ги собирале лубениците за вода. Имено, лубениците биле извор на чиста вода во текот на долгите сушни сезони, а се употребувале и како храна за животните. Ова е добро објаснување за откриените лубеници во гробниците на фараоните, бидејќи тие морале да останат хидрирани на долгиот пат во посмртниот живот.
Грците почнале да ги одгледуваат лубениците околу 400 година п. н. е. и ги употребувале и во медицински цели. Околу првиот век, лубеницата го добила својот благ вкус. Според записите на хебрејски јазик од крајот на 2-от век и текстовите на латински јазик од 6-от век, лубеницата е групирана со другите слатки овошја како што се смоквите и грозјето.