Категории

Џијан Емин со фантастичен настап во Нови Сад со проектот „La Vie En Rose“

Македонскиот диригент и композитор Џијан Емин, на 22 декември настапи во Нови Сад, во салата на „Српско народно позориште“ заедно со Војвоџански симфониски оркестар, на концертот под наслов „La Vie En Rose“.

Џијан Емин беше диригент на овој проект кој на македонската публика и е познат под името „Париз те сакам“ и кој се изведе во Скопје заедно со Филхармонија на концертот по повод Денот на вљубените пред две години.

Овој пат повторно солистка беше врвната вокалистка Миртил Мишелер од Унгарија, а и се придружи актерот Иштван Короси. Програмата е составена од вкусно избрани композиции, популарни француски шансони од Едит Пјаф, Мишел Легранд, Жак Брел…

Овој настан всушност, беше новогодишен гала-концерт, а билетите беа распродадени еден месец претходно.

„Целиот концерт помина во прекрасна атмосфера, со убава енергија која не следеше од првата заедничка проба со оркестарот со кој што во блиското минато имам настапувано и како хорнист“, вели Џијан Емин. „Со голем број од музичарите сме пријатели и беа пријатно изненадени што сега ме гледаат во улога на диригент. Миртил беше фантастична како и секогаш, блескава со прекрасна интерпретација на композициите. Три пати бевме повикани на бис, а јас на еден од тие бисови ја отсвирев композицијата ‘Фалцер’ на мелодика и заедно со концертмајсторот Владимир Цукович имавме заедничко соло – импровизација. Многу е ретко во симфониски оркестар концертмајсторот да има такви високи импровизаторски способности како Владимир Цукович. Огромно браво и за целиот оркестар и за бендот кој беше составен од врвни музичари од Србија кои се дел од Биг-бендот на РТС. Концертот заврши со стоечки овации.“

Инаку, Џијан Емин подготвува два големи настани коишто ќе се случат во февруари. Првиот е мултимедијален перформанс во големата сала на Филхармонија за кој наскоро ќе има најава, а вториот настан ќе биде концертен настап заедно со триото „Ана Кап“ од Франција и музичари од Филхармонија. Со триото „Ана Кап“, Џијан Емин веќе имаме издадено еден носач на звук кој беше снимен во Франција пред три години. Во февруари ќе снимаат нов материјал кој ќе имаме прилика да го слушнеме кон крајот на февруари.

Прегледи:
579
Објавено на:
27.12.2019