Категории

Една година од смртта на Горан Стефановски: Ова се некои од неговите безвременски цитати кои ја отсликуваат сржта на македонскиот живот

По кратко боледување, на 66. годишна возраст почина еден од најзначајните писатели на македонска драма, Горан Стефановски. Стефановски живееше во Велика Британија, во близина на Лондон, од каде што пред една година стигна веста за неговата прерана смрт.

Добитник на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стеријина награда“, „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски беше и дописен член на МАНУ. Има напишано повеќе од 30 драми, сценарија за ТВ-филмови и серии, либрета и радиодрами, меѓу кои и „Дупло дно“, „Чернодрински се враќа дома“, „Тетовирани души“, „Зодијак“, „Наши години“ … Неговите култни реченици и цитати се безвременски и ги употребуваме често, а сега во негова чест ќе се потсетиме на само мал дел од нив.

„Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно.“ (Жив Човек)

„Затоа што сум жив. Вам ви е сеедно. Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе.“ (Дупло дно)

„Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот.“ (Дупло дно)

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност.“ (Тетовирани души)

„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ (Диво Месо)

„Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас! Воздивнувате по Германија, а таткото што ги изгубил нозете да направи куќа е помија кој не знае два и два. И им пречи на Европјаните да прават кариера!

Не знаете да се чувате… живеете на вересија… ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ (Диво Месо)