Категории

(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Истражи ја Крива Паланка – поврзи се со природата – Посетете ја новоизградената пешачко рекреативна патека Стара Вада

За изградбата на објектот „Стара градска вада“ во Крива Паланка не постојат мноштво на историски извори и документација. Но она што одредени локални автори го истражувале, што може да се најде во документите и во усмената традиција е доволно за да се добие јасна слика за овој градителски потфат од  особено економско и културно значење за историјата на Крива Паланка.

Изградбата на овој објект се лоцира некаде кон средината на 19 век и е непосредно врзана за изградбата на градската црква „Св. Великомаченик Димитриј“. Според народното предание турските власти дозволиле изградба на црква во Крива Паланка со димензии не поголема од „биволска кожа“. Меѓутоа ктиторот Давид јереј, син на Јоаким Крчовски ги надитрил властите така што ја исекол кожата во форма на конец кој ги обиколувал во опфат темелите и изградил многу поголема црква. По ова властите се налутиле, а Давид јереј бил уапсен, одведен во Скопје и таму затворен. Покрај останатото Давид јереј бил прочуен по изработка на резба и украсување на предмети, а поранешен заптија во Крива Паланка кој бил на служба во Скопје поседувал пушка украсена со гравура и опточена со слонова коска изработена од Давид јереј. Тој се заложил пред властите за ослободување на Давид јереј, а условот бил затвореникот да направи добро дело од општа полза за градот. Давид јереј го прифатил овој услов и го исполнил, така што на негова иницијатива и по негов план бил изграден канал со проточна вода од Дурачка Реака до Крива Паланка (таканаречената Стара вада која постои и денес).

Преку нејзе се наводнувале градините и се одржувала хигиерната во домовите во градот долж левиот брег на Дурачка и Крива Река. Се олеснил и подобрил животот на луѓето во градот, се унапредило земјоделското и овоштарско производство, домаќинките ја користеле водата за перење и за други комунални потреби. Се овозможило градската населба да се прошири и зголеми. Со тоа овој објект има неспорно значење во развојот на Крива Паланка во тој период. Денеска старата вада сеуште постои и се превземаат активности за нејзино ревитализирање и зачувување.

Со последните инвестиции овој локалитет полека станува нова туристичка атракција во Крива Паланка, локалитет кој што природно е сместен и опкружен со бујна вегетација, на високата периферија на левиот брег на градот и како таков станува место за прошетка, одморт, рекреација и ужување на сите возрасни категории граѓани во Крива Паланка, но и на туристи кои доаѓаат да го посетат градот. Од локалитеттот се пружа неповторлива глетка на градот Крива Паланка, сместен е во природа, опкружен со зелнило и пријатна клима, а е во непосредна близина на околу десетина минути од центарот на градот.

Повелете, Крива Паланка ве очекува!

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија

Прегледи:
486
Објавено на:
03.07.2019