Категории

ФОТО: НБРМ ја пушти во оптек новата кована пара од 100 денари

Народната банка на Република Македонија соопшти дека е издадена и пуштена во оптек кованата пара за колекционерски цели „Владимирска“ од серијата „Икони на Пресвета Богородица“ („Службен весник на Република Македонија” бр. 98/16).

Од НБРМ соопштија дека на аверсот на кованата пара „Владимирска“ во централниот дел е претставен приказ од Благовештението, врз основа на фреска од македонската црква којашто се наоѓа во селото Старo Нагоричане (од 1313 до 1318 г.). Во горниот дел е прикажано името на издавачот на монетата – Република Македонија (на македонски јазик) и грбот на Република Македонија. Под грбот е прикажана годината на издавање на монетата – „2016“. Во долниот дел од аверсот е прикажана номиналната вредност – „100 денари“ и ознаката „Ag925“, како и тежината на монетата – „31,1 г“.

На реверсот, како што се наведува, во централниот дел е прикажан портрет на Пресвета Богородица Владимирска, врз основа на делата на Строгановската школа за иконопис (Русија, крај на XVI век). Украсите околу централната слика, огледалната основа, ѕвездите на облеката и ореолите на Богородица и на детето Исус се позлатени. На долниот дел од монетата е претставен натписот „Владимирска“ на македонски јазик.

Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 31,1 г, чистота на среброто од 28,77 г и во форма на правоаголник со димензии 30 х 45 мм. Цената на кованата пара „Владимирска“ изнесува 3.800 денари. Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија, стои во соопштението.

Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија на следнава врска: www.nbrm.mk/Ковани пари за колекционерски цели.

Прегледи:
423
Објавено на:
20.07.2016