Категории

Голема еколошка акција на планинарите за чистење на Лешница

Над 50 вреќи со ѓубре беа собрани за време на еколошката акција : Чисто, како Лешница после нас.

Вчера во Долна Лешница, имаше над 100 планинари, но нивната цел не беше прошетка, туку многу повеќе. Еколошката акција за чистење на срцето на Шара, како што ја нарекуваат оваа долина, беше инспирирана од тоа што и се случи на Лешница ова лето. Драстично зголемениот број на посетители на оваа локација ја покажа несовесноста на граѓаните, што е проблем кој генерално постои во целата дражава. Па така постојано кружеа фотографии на социјалните мрежи од сметот во Долна Лешница, по што планинарите ја покажаа вистинската љубов кон природата. Иницијативата „Чисто, како Лешница после нас“ беше организирана од тетовскиот планинарски клуб „ПК Јелак“, а на нив им се приклучија повеќе планинарски групи и друштва.

Воедно, планинарите ја искористија еколошката акција и обединети под „Зелен фронт“, за да ја кренат јавната свет и да побараат поддршка од граѓаните против градењето на малите хридроцентрали кои се предвидени да се градат на Шар Планина. Преку оваа акцијата планинарите едногласно ја испратија својата порака кон надлежните итно да ја запрат изградбата на објектот за кој сметаат дека трајно ќе ги уништи Лешница и реката Пена.

Лешница е срцето на Шара, реките нејзин крвоток, а шумите се белите дробови на Македонија!

Среќа е кога го користиме нашиот глас за да направиме промена, кога се бориме од срце за нешто што има неизмерно значење како за нас така и за сите околу нас!

Прегледи:
696
Објавено на:
28.09.2020