Категории

ХЕРОИТЕ НА ШАРА ГО ВРАЌААТ ЖИВОТОТ НА ПЛАНИНАТА

Ајде да замислиме дека „ Нетфликс“ за 10 години има хит-серија за локалните херои што ја спасија Шар Планина од (само)уништувачката рака на капитализмот, алчноста, неодговорноста, себичноста. Овде претставуваме дел од епизодите.

Автор: Маја РАВАНСКА
Фотографии: Јован БОЖИНОСКИ

ПРВА ЕПИЗОДА: ВРАТНИЦА, ВО СКУТОТ НА ШАР ПЛАНИНА
Костен, зимзелени грмушки, лешници, зеленило што се извишува во дворот на куќа ѕидана со камен. Тишина, се слуша само црцорот на птиците.
– Кој не би сакал да живее овде – имаме 300 сончеви денови во годината, магла не сме виделе никогаш, а не, пак, загаден воздух. И во најтопол летен ден дувка свежо ветерче – ја кажува својата воведна реплика Драгиша Јововски, сопственик на хостелот „Китка“ во Вратница, мал бизнис што работи со сместувачки капацитети за авантуристите што тргнале да ја истражуваат планината. Јововски, со своето теренско возило носел тури до планинарскиот дом „Љуботен“ на Шар Планина. Сите што оделе таму го прашувале за места за преспивање, па така дошол до идеја да направи хостел. Камерата се префрла на неговите раце. Драгиша постојано работи нешто. Дури зборува, пребришува маса, дезинфицира столчиња, подместува прекривка, а веќе во следниот кадар гледаме тегла со мед. (Жал ми е, камерата не може да ги долови вкусот и мирисот).

ВТОРА ЕПИЗОДА: ПОТЕНЦИЈАЛОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК
Барај го Јован ако сакаш нагоре по Шара. Без него ништо не правиме, најсилен ветар в грб ни е – посочува Јововски.
Јован Божиноски е туризмолог, авантурист, голем вљубеник во планината, страстен заложник Шара да го добие заслуженото место на туристичката понуда на земјава. Камерата го снима дури води група кон Љуботен. Сите фотографии што ги објавуваме овде се негово дело. Тој, како професионален водич во планина и претседател на Планинарскиот клуб „Љуботен“, ги знае сите клучни точки за развој на Шара, кој нема да им наштети на нејзините природни ресурси. Во тек е процес на прогласување на Шара за национален парк, а за таа цел, информира Божиноски, беа изработени два документа, студија за валоризација на природните вредности на Шар Планина и социо-економска студија за Шар Планина, а ќе се работи и на план за менаџирање на идното заштитено подрачје.
– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е голем чекор, кој ќе ја заштити природата, но резултати се очекуваат од начинот на управување и на функционирање со идното заштитено подрачје – вели тој.

Повеќе за оваа тема прочитајте во најновото издание на списанието за одржлив развој, Лице в Лице, кое чини 100 денари. Половина оди за продавачите, кои се ранливи сограѓани. Ним, во време на пандемија и економска нестабилност, нашата поддршка им е најпотребна.

Прегледи:
565
Категории:
Секојдневие
Објавено на:
06.10.2020