Категории

Хибриден Peugeot 3008 со погон на сите тркала пристига во 2019

Новиот спортски теренец на Peugeot нема да остане без верзија со погон на сите тркала. Француската марка го потврди плагин-хибридот кој ќе ја донесе оваа опција во гамата на 3008 SUV.

Претходната генерација на Peugeot 3008 предизвика технолошка канонада при појавувањето пред осум години. Меѓу другото, тогашниот кросовер понуди комбинација од дизел и електромотор, станувајќи прв масовно произведуван автомобил со дизел-хибриден погон. Електромоторот на задната оска обезбеди погон на сите тркала во топ-верзијата Peugeot 3008 HYbrid4. Штотуку претставената нова генерација на Peugeot 3008, којашто го напушти сегментот на кросовери и се префрли меѓу спортските теренци од компактната класа, засега ќе вози и без погон на сите тркала и без хибриден погон. Но, тоа набрзо ќе се смени, затоа што и 3008 SUV е дел од стратегијата за проширување на понудата од модели со електрифицирана погонска спрега на Peugeot.

Аналогно на претходникот, новиот 3008 повторно ќе добие пионерска улога во понудата на француската марка. Во 2019 година, спортскиот теренец ќе се појави на пазарот во верзија со плагин-хибриден погон, а со самото тоа и во верзија со погон на сите тркала. Дури потоа ќе следат електрични верзии на моделите 208 и 2008, развиени на модифицирана платформа CMP во соработка со кинескиот партнер Dongfeng. Наспроти тоа, моделите на Peugeot од повисоките класи ќе располагаат со плагин-хибриден погон. До крајот на деценијава, групацијата PSA ќе претстави вкупно седум модели со плагин-хибриден погон и четири возила со електричен погон, вклучувајќи и модели на Citroen, DS и Dongfeng.

Французите засега не откриваат детали околу идната хибридна верзија на 3008, освен податокот дека моделот ќе располага со вообичаениот досег од 50 километри при погон само со енергијата во батериите. Шефовите на Peugeot исто така не откриваат дали новиот кросовер ќе биде достапен дополнително и во верзија со електричен погон, покрај плагин-хибридот. Во секој случај, обете погонски технологии се мошне блиски и само од стратегијата и од пазарниот интерес ќе зависи дали 3008 SUV ќе се понуди паралелно во двете верзии.

Во моментов, ниту една од трите марки на групацијата PSA не располага со плагин-хибриден погон. Единствена опција за помош од електромотор следува во Peugeot 508 RXH и во DS5, во „напуштената“ комбинација со дизел мотор. Шведскиот Volvo исто така се збогува од комбинацијата за двојно штедење со дизел и електромотор.

Прегледи:
371
Објавено на:
24.05.2016