Категории

Биди ми херој. Супер херој. Биди ми мојот Супермен. И не ти треба вистинска супермоќ. Фати ме за рака и зборувај ми.

Биди ми песна. Моја омилена. Биди ми песна со која ќе ми почнува денот секое утро. Биди ми другар. И тоа најдобриот. Биди ми рамо и поткрепа за се во животот. Биди ми бе до мене.

Е така понекогаш, кога животот ќе ме предупреди и ќе ме сопне за да ми покаже дека не чекорам по вистинскиот пат, да има каде да ја наслонам главата. Да има некој да ме бакне во челото, па да ми каже: Ме имаш мене и гушни ме, што и да е, ќе помине. Биди ми очи. Таму кај што јас не гледам, ти види. Види можност. За мене и тебе. Можност за успех. За среќа. Или па види незгода во најава. Па предупреди ме. Заштити ме. Биди ми херој. Супер херој. Биди ми мојот Супермен. И не ти треба вистинска супермоќ. Фати ме за рака и зборувај ми. Со затворени очи ќе го пролетаме светот. Ќе мечтаеме. Биди ми сопатник. Ние двајца, мапата и апаратот за сликање. Дека јас многу сакам да се сликам, а ти го знаеш тоа. И сакаш да ме правиш среќна, па ме шкрапаш од сите страни. И се смеам гласно. Па виде не, среќни сме. Загледај се во стаклото од метрото и ќе видиш. Ќе видиш слика од двајца сопатници кои исто мислат, кои исто велат. И исти работи сакаат. Биди ми мотивација. Мотивација за секој ден да го давам најдоброто од себе. Биди ми инспирација. Да правам и да мислам добро. Биди ми тој што ќе ме полни со позитивни мисли. Дека понекогаш ми се празни батеријата и мене. Ретко, но се случува. А тогаш си ми најповеќе потребен. Да ми бидеш зрак сонце кога се е сиво. Биди ми поддршка да стојам цврсто на земјата. И не ме терај да се менувам. Дека ти ме засака ваква. Само помгни ми да блеснам уште повеќе. Биди ми тука. Достижен секогаш. Да пружам раце и да те гушнам. Не ме терај никогаш да помислам дека со тие очи друга би погледнал. Биди ми мој. Мој учител. И укажи ми кога ќе згрешам. Еве за почеток, научи ме да бидам трпелива. Да знам да го почекам вистинското време за встинските нешта. Биди ми будилник рано наутро. Дека нема поубав аларм од твојот глас сабајле. Дека едно твое добро утро колку сто туѓи е. Биди ми ангел чувар. И кога сум болна, биди до мене. Луѓето не знаат. Прегратката е најдобриот лек. А твојата посебно. Биди ми гостин. Гостин во срцето. Или уште подобро, всели се таму. Не е лесно, ама потруди се. Дека јас сум таква. Само неколку сум пуштила внатре, но сите со задоволство. Биди ми моето се. Се за кое што мечтаам. И се за кое што некогаш сонував. Фати ме за рака и дојди. Дојди да сонуваме со отворени очи. Дека кога ние двајца нешто сакаме, го добиваме. Дека истата енергија во себе ја носиме. Дека никогаш не се откажуваме. И дека заедно секогаш посилни сме и попаметно мислиме. Биди ми тој што ќе ми го разбуди детето во мене. Разбуди ми ја креативноста. За тебе секој ден нешто ново да смислувам. Ти да се изненадуваш. Дека твојата насмевка како моја заслуга ја препишувам. Дека ти кога се смееш и јас се смеам. Биди ми светла точка и ѕвезда блескава. Биди ми мојот копнеж. Биди ми храброст. Или само сакај ме. Дека жена кога се чувствува сакана, за неа нема граница. Дека тогаш е способна наспроти светот да застане. И сите препреки да ги помине. Биди ми мојата гордост. И приказна раскажувана. Приказна за магија и среќни краеви. Биди ми мојот планер и потсетник. Дека понекогаш јас знам и расеана да бидам. Расеана и конфузна. Често заборавена. А само тебе не би те заборавила никогаш. Биди ми способност и тајна вештина. Или само биди до мене. Дека тогаш незапирлива сум. Биди ми тој што постојано ќе ме смее. Раскажи ми за тогаш кога падна. И по милион пати слушнато пак ќе се смеам. Дека ти убаво раскажуваш и шепотиш. Дека кога ти збориш јас се топам. Дека кога ми ѕвониш на телефон, една глупава насмевка имам. Насмевка од сто степени што срце грее. Биди ми мојата среќа и виталност. Биди ми парче од слагалица. Биди ми мојата втора половина. Дека јас и ти се надополнуваме. А секој во својот деформитет се заљубува. Биди ми и мајка и татко. Дека родители најискрено дете сакаат. И од се го чуваат. Да ти бидам капка на дланка. Да ти бидам капка солза во окото. Никогаш да не трепнеш, од страв да не ме изгубиш. Биди ми принц. Биди ми Ромео. Биди ми ти…

Автор: Габриела З.

Прегледи:
1180
Ознаки:
·
Објавено на:
15.01.2017