Категории

Интервју со Јани Костурски – музичар од Беркли, наставник по историја, автор и џез изведувач и омилен професор во Американската Гимназија Скопје

„Во Американската Гимназија Скопје класовите се со оптимална големина и може лесно да се комуницира со секој ученик, што дава простор за потемелно работење и совладување на материјата“

Средба со Јани Костурски – музичар од Беркли, наставник по историја, автор и џез изведувач и омилен професор во Американската Гимназија Скопје

Г. Костурски, вие сте професор во Американската Гимназија Скопје по музичко образование, но и професор по историја. Од каде произлегува ваквата интердисциплинарна комбинација и широките интереси?

ЈК:
Иако сум музичар и наставник по музичко, историјата отсекогаш ми била подрачје од голем интерес, како наука која може многу да објасни за тековните социолошки и културолошки проблеми на човечкиот род. Развитокот на музиката, историски гледан, многу зависел од историските случувања и општествените прилики, така што секогаш ме интересирало да го истражувам и тоа поле.

Поради овие причини, кога во училиштето каде што работев во САД се јави потреба за наставник по Американска историја се пријавив, покрај часот по музичко, да го работам и часот по историја. Ги поминав потребните испити за стекнување
компетенција и продолжив паралелно да ги работам двата предмета. Кога дојдов во Скопје, на АХСС се јави потреба за наставник по Светска Историја а подоцна и музичко – и сега сум тука.

Вашето професионално искуство е прилично разновидно и импресивно. Каков е вашиот професионален пат, како се гледате себе си?

ЈК:
Едукацијата ми е сѐ уште во главно поле на интерес, работата со ученици ме инспирира. Би сакал да го проширам програмот по музика, еве веќе имаме основано музички клуб – секција во која ги изучуваме техниките на пишување песни. Планираме соработка со драма клубот за кој ќе напишеме песни за нивната следна претстава. Инаку, музичко-изведувачката дејност сѐ уште ја негувам, и во тек е подготовка на еден мој проект за кој ќе следува најава. Мојот интерес најмногу го опфаќа класичниот џез стил, исто така и посовремен камерен музички израз, со етно-елементи од различни делови од светот. Последен проект што го претставив на нашата публика – каде што се појавувам како вокален солист и гитарист – е од серијата концерти на Астрорум во Литература.мк. Таму со моето трио се претставивме со програма од Бразилски џез и Боса Нова композиции.

Какви се средните училишта во Америка, а како е кај нас, во Американската Гимназија Скопје? Како изгледа еден ваш час?

ЈК:
Во Америка јас работев во јавниот школски систем кој што, како што знаеме, има свои големи предизвици, од кои најголем е безбедноста. Како наставници, ние често имавме безбедносни тренизи за тоа како да се справиме со кризи од секаков вид. Исто така, поради недостаток на наставници, се зголемуваат класовите и се вршат чести промени на распоредот на дневна основа. Поради сето ова кај нив се губи континуитет, така што квалитетот и количината на задржани информации е
значително пониска. Затоа општиот успех на американските средношколци е на доста пониско ниво отколку кај нашите.

Во Американската Гимназија Скопје тоа не е случај. Класовите се со оптимална големина и може лесно да се комуницира со секој ученик, што дава простор за потемелно работење и совладување на материјата. Имаме пристап до модерна едукативна технологија со помош на која ја збогатуваме нашата настава. На моите часови, покрај предавањата, често гледаме и документарни сегменти, читаме текстови од оригинални извори и водиме дискусии. Во овие дискусии целта ми е да ги погледнеме историските случувања од најмалку две перспективи, за да добиеме реална и непристрасна слика на историските настани.

Како се променети учениците од времето кога Вие бевте ученик до сега? Какви се тинејџерите денес?

ЈК:
Учениците, како такви, не се многу променети: ретко кој доаѓа со добро предзнаење и развиени социјални вештини. Но, сето тоа постепено се учи во социјалната средина на училиштето. Она што е многу променето е училницата. Едукативните помагала кои ги имаме денес се на ниво на научна фантастика (споредени со времето кога јас бев ученик). Најмногу интернет, кој може да биде одлична едукативна алатка, ако се користи правилно. Јас на моите ученици секогаш им велам дека треба да научат како
критички се размислува, и да ги земат предвид различните погледи и сфаќања на сите учесници. Без оваа вештина може да станат жртви на дезинформација и робови на еднострани идеолошки убедувања.

Ми се чини дека тинејџерите денес се некако поразвиени и посвесни отколку мојата генерација на нивни години. Преку информациската технологија, тинејџерите на денешницата се многу повеќе изложени на вистинското лице на светот, додека ние бевме некако „заштитени“ од тоа. Но затоа, овие нови генерации побрзо размислуваат и побргу созреваат – емоционално и ментално. Значи, дојдовме во ситуација во која за да го премостиме јазот помеѓу нашата генерација и нивната – нашата е таа која треба да се доразвие од технолошки, но и социјален аспект.

Прегледи:
463
Објавено на:
30.03.2022