Категории

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Посети го Калин Камен, манастирскиот комплекс или некоја од многуте цркви !

Крива Паланка е град во североисточниот дел на Република  Северна Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река.

Името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Подоцна, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Градот е еден од помладите градови во државата. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот. Денеска оригиналната плоча се чува во Музејот на Македонија, додека копија од неа се наоѓа во Градскиот музеј во Крива Паланка.

Крива Паланка изобилува со многу богатства но и со многу културни и спортско рекреативни настани а тековниот викенд ви препорачува да прошетате по Крива Паланка и околината, да посетите некој од туристичките локалитети во Крива Паланка, воодушевувајки се на раскошот и духовниот мир во  кривопаланечките манастири и цркви. Почувствувај ги убавините на осоговските планини, прекрасната природа, снежните врвови и чистиот планински воздух., Неодминливо пробај традиционална кривопаланечка храна, симит што го има само овде, сарамсаклии со лук и кисело млеко, зелник под вршник, качамак со кравјо масло, надалеку прочуениот паланечки компир.

Крива Паланка е можеби мал град но има големо срце, посети ја и увери се!

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија

Прегледи:
552
Објавено на:
12.02.2019