Повелете на спортската манифестација Рели „Калин камен“ (Туристичко рели „Калин Камен“), манифестација која по иницијатива на оф–роуд возачите од Крива Паланка, од 2009 година традиционално, се оддржува на 24 мај, во чест на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Манифестацијата има ревијален карактер.
Должината на патеката е 64 километри, а 80 отсто од неа се одвива на неасфалтиран пат или предели каде воопшто нема пат, а целото патување трае околу 8 часа сметајќи ги и паузите за одмор на учесниците. Висинската разлика помеѓу најниската и највисока точка – Царев Врв (2.085 метри надморска височина) е 1.500 метри. Патеката започнува на плоштадот во Крива Паланка, поминува низ прекрасните предели на Осоговските Планини, се до манастирот Св.Јоаким Осоговски, каде се организира заеднички ручек на сите учесници.
Манифестацијата е во организација на Здружението на граѓани Авто мото клуб „Офф Роад Осогово“. Патеката се протега низ следниве предели: Крива Паланка → Мождивњак → Острец → Бари → Костадиница → Бабина чешма → Царев врв (2085м) → Алтн чешма → Калин Камен → Езеро → манастир „Св. Јоаким Осоговски“ → Крива Паланка.
За да се реализира оваа спортско-рекреативна манифестацијата е потребна сигурна и добра организација, нормално и поддршка од полицијата која мора да го запре и контролира сообраќајот додека колоната од повеќе десетици автомобили, меѓу кои технички, санитарни, полициски и други возила се искачува кон селото Мождивњак.
Најголем број од учесниците во патувањето користат Лада Нива, но големо внимание кај присутните предизвикуваат и американските и руските џипови стари и по педесетина години. Додека трае патувањето можат да се доживеат сите четири годишни времиња со атмосферски премини, дожд, сонце, ветер па и снежна покривка. Осоговската планина е прекрасна, преполна со пасишта и диви коњи кои галопираат по зелените сртови. Со еден збор целиот настан е едно незаборавно искуство и доживување кое долго се памети.
Датум 24.05.2019,
Почеток 09:00 часот
Место: Градски плоштад Крива Паланка
Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија