Категории

“Секое парче накит има длабока емотивна врска меѓу мене и личноста што избрала да го носи” – Јованка Ристевска Аrt Land

“Во природата на секоја жена е да изгледа и да се чувствува убаво, па така и јас, откако паметам за себе, од секогаш сум сакала малку поинакви и необични парчиња накит” – кажува Јованка. 

Најмалите детали зборуваат најгласно за нашиот карактер, даваат поинаква димензија на нашиот стил и се уникатен елемент преку кој се изразуваме. Денес имаме комплетна слобода кога станува збор за тоа како сакаме да изгледаме, огромен избор во поглед на стилот на облека, накит и козметика. Но, пред да направиме било каков избор треба да бидеме свесни за сите наши карактеристики кои не прават посебни бидејќи навистина залужуваме нешто што е исто толку посебно колку и ние самите. Art Land е токму тоа, мало креативно катче во битолската чаршија кое го оживува занаетчиството со цел да ја отслика нашата автентичност преку малите детали, како накиот. Некогашното хоби на Јованка Ристевска, денес претставува  среќа на многу девојки, кои уживаат во еден поразличен стил кој им дозволува да бидат тоа што се. Низ рзговорот со неа таа ни отркри повеќе за почетоците на Art Land, нејзината пасија кон овој занает и за тоа како истиот се труди да го пренесе на идните генерации. 

  • Јованка од каде поттекнува вашата љубов кон изработката на накит и како започна приказната за Аrt Land? – Дали ова е професијата со која што од секогаш сте сакале да се занимавате?

Како и на повеќето уметници и дизајнери, така и мојата приказна започнува најпрво како хоби. Како и секоја жена, обврските околу семејството и работата ми беа приоритет, па слободното време гледав да го искористам најдобро што можам а во исто време и да се забавувам. Посетував интернет страници, блогови, туторијали , итн.  И се восхитував на креациите на луѓето ширум светот, и од тука се роди желба да пробам  и јас да создадам парче накит по мој вкус.

На самиот почеток , експериментирав со различни материјали, во различни техники. Работев со дрво и  монистра, а подоцна ја открив нејзиното величество – жицата.

Правев парчиња за мој вкус, а често и подарував. Како што напоменав, освен семејството и работата, се друго ми беше во втор план. Изработката на накит ми претставуваше задоволство  во кое уживав и не бев свесна  вистински да проценам колку навистина вреди овој занает. Можноста ова мое хоби да прерасне во посериозна работа, ја видов кога неколку од моите пријателки  сакаа да го купат тоа што го создавам. Тогаш почнав сериозно да размислувам  за свој  бизнис, а тоа значеше дека ќе треба и посериозно да се посветам на квалитетот на материјалите како и на квалитетот на самата изработка. Желбата прерасна во огромна љубов , така што редовно следев туторијали, купував од интернет, наоѓав литература и континуирано учев.

Почнав да учествувам на базари, а станав и дел од организацијата на една од најпознатите манифестации во Македонија – Балканска Колонија на Ракотворци , што се одржува во Битола, каде што активно учество имаа ракотворци во различни техники од Балканот и Европа. Тука ја имав и првата промоција на самата техника на изработка наречена “wire wrap technique” и од тука почнува приказната наречена Art Land.

  • Што претставува Аrt Land денес, како би го опишале како бренд?

Арт Ленд започна во 2015 година. Мало креативно катче во битолската чаршија , каде што таму творев и ги изложував изработките. Како и секој почеток, покрај огромната конкуренција на пазарот со накит, не беше лесно да се создаде бренд во кој клиентите ќе препознаат уникатност и квалитет. Но, со текот на времето упорноста и пред се љубовта кон она што го работам, го направија своето. Клиентите се уверија во квалитетот, истовремено  почна да им претставува сатисфакција  да носат уникатно изработено парче накит создадено токму за нив.

Секое парче има длабока емотивна врска меѓу мене и личноста што избрала да го носи , и токму заради тоа, најчесто работам по нарачка и тоа го доживувам како најголем предизвик.

  • Низ годините не само што создавете прекрасни парчиња на накит, но исто занаетот го споделувате со останатите креативнци кои сакаат да го научат. Една од многуте работилници на која сте бие предавач е и Креативна работилница – ЖЕНА, ЉУБОВ, НАКИТ, дали може да ни кажете нешто повеќе околу ова искуство ?

Според моето искуство, за жал , на овие простори немав од каде да учам освен од интернет туторијали кои знаат да бидат и прилично скапи. Кога истражував за “wire wrap” техниката,  наидов на могу интересни податоци. Имено, оваа техника всушност го претставува најстариот уметнички занает кој датира 2000 год. п.н.е. и денес можат да се најдат парчиња накит низ музеите ширум целиот свет. Тоа едноставно морав да го споделам некако. Станав член на упрвен одбор на занаетчиската комора и почнав да размислувам како би можела да придонесам за подобрување на законските одредби и развој на ваков вид занаетчиство. Почнав со работилници, и видов интерес посебно кај помладата популација.

Работата со жица  дозволува игра со фантазијата и интересно е тоа што се прави спој со  традиционалното и модерното и никогаш не се престанува да се учи.

Секогаш има нови моменти и предизвици. Жена, Љубов, Накит е една од работилниците што ме инспирираше да одам понатаму. Работилници освен во Битола, имав и во Скопје а во 2019  учествував и на Д-Фест во Дојран со тридневни работилници , каде што на мое изненадување имаше ученици и од машката популација. Заедно имавме многу интересни и креативни моменти. Работилница имав и во битолската чаршија каде што освен учениците, дел од начинот на изработка  на овој занает можеа да видат и случајните минувачи. Работилниците се преубаво искуство. Сегокаш може да се научи нешто ново, се стекнуваат пријателства, соработки и заеднички проекти.

Ова искуство ме тераше да продолжам понатаму , да се усовршувам  и учам , така што почнав да посетувам обуки и станав лиценциран обучувач за возрасни.

  • Што би  им препорачале на љубителите на накит, зошто да се одлучат за рачно иработените парчиња на Аrt Land?

Нашето поднебје, традиционално ја негува рачната изработка. Нашите баби плетеле, везеле , ткаеле и тоа оtсликува една вековна традиција која треба да се сочува. Накитот е исто така традиција која со векови наназад се негува. Можноста да се создава традиција  и желбата да се негува истата, е она што секој од нас треба да го почитува. Како што кажав, во самата природа на жената е уникатоста и убавината. Задоволство е кога на себе имаме парче накит кое е изработено токму за нас и е едно единствено и неповторливо. За дизајните и квалитетот на Аrt Land,  јас нема да коментирам. Тоа ќе го оставам на редовните муштерии.

  • Секое  парчекое што го изработувате за вас има посебна приказна, свое значење и уникатност во дизајнот. Што ја прави Јованка Ристевска уникатна како личност?

Кога се роди љубовта токму за ваков вид занает, најголема инспирација ми беа податоците за истиот. Уште векови наназад, за  металот во спој со природни скапоцени и полускапоцени камења имало различни верувања. Таквиот накит осликувал престиж,  моќ, статус и состојба па  го носеле благородници, свештеници од највисоките редови и кралски династии. Верувањето за ваквиот спој го  користеле и за алтернативна медицина, но и за духовно исполнување. Моќта на природата да не опкружува со секаков вид скапоцености, уште п.н.е. па до ден денес е една од најголемите предизвици и верувања на многу култури и народи ширум светот. Од тука дојдов до заклучок дека уникатноста и креативноста лежи во секој од нас и секој е креативен на свој начин. Благодарение на идеите на клиентите, денес јас  сум она што сум.

Креативните луѓе раѓаат креативни идеи , а јас сум само  една од оние кои имаат можност да  создадат парче накит во кое има симболична приказна исплетена со историја, традиција, мода и уметност.

  • Како можеме да ги поддржиме нашите локални знаетчии земајќи ја во предвид моменталнта сиуација ?

За жал, со новонастанатата ситуација, како и  многу други малостопанственици, и јас се соочувам со една кризна ситуација за која ќе треба време да се опоравиме. Среќа што во овие 5 години стекнав искуство и доверба кај муштериите па работам од дома и онлајн. Ги почитувам мерките од  владата па за работилници и предавања се уште е рано. Со надеж дека за брзо време ќе се среди, единствено треба да се размислува за финансиско закрепнување  на занаетчиите кои верувам дека се едни од најзагрозените во целава ситуација. Кризата е на светско ниво, па единствено можеби онлајн поддршка е  едно од решенијата кои можат да помогнат. Останува и понатаму да се придржуваме кон мерките на владата и СЗО, да почитуваме социјална дистанца  и да се помолиме кризата што поскоро да помине и за добро здравје на сите.

  • За крај што претставува среќа за вас и каде би ги поттикнале останатите да ја продајдат својата среќа?

Сара и Петар ( моите деца ) се мојата најголема среќа. Среќна сум што сум опкружена со  луѓе што ги сакам , што сум сакана, што сме здрави,  живи, што го работам она што ме исполнува.Се радувам на секој сончев дождлив или студен ден. Среќен е оној што сознал дека малите нешта го прават човек среќен. Среќата е секогаш во нас и околу нас. Практикувам да го  правам  она што во моментот ме прави среќна па тоа и би го препорачала.

Среќата е еден мал момент кој треба да научиме да го доживуваме фестивалски.Таквите моменти се неповторливи и токму тоа е она што би требало да не прави среќни 

 Кога сме веќе кај она што ми лежи на душа…

Најголема желба ми е занаетчиството да се врати во образовниот систем. Во  Битола , во 1900 год. имаше  занаетчиско училиште каде што се изучувале секакви занаети. Уметничкиот занает и ден денес се одржува во средно училиште во Нормандија – еден од регионите на Франција. Имав едно прекрасно искуство со тамошните  ученици и нивниот ментор и професор, но за жал со кризната ситуација идејата за реализирање заеднички проект беше прекината, па останува да се надевам дека за скоро време ќе се оствари. Со напредната технологија, за жал некои занаети се веќе изумрени, но сепак да се негува еден ваков занает и можноста да се одржи благодарение на таа традиција со додавање на нишка уметност и мода, не би требало да се занемари. 

Среќни сме што постојат личности како вас, ви посакуваме уште многу успех понатаму, а за сите кои се прашуваат каде можат да го најдат своето уникатно, рачно изработено парче накит, посетете ја фејзбук страната  Art Land-Handmade Jewelry & Crafts

Прегледи:
996
Објавено на:
05.08.2020