Категории

Каде сте пристојни луѓе? Зошто се повлекувате пред безобразните и арогантните?

Сѐ додека пристојните, културните и воспитаните се повлекуваат пред насилниците и безобразните, а останатите молчат и гледаат незаинтересирано, ќе бидеме тука каде што сме, или ќе ни биде уште полошо.

Не ја прифаќам ароганцијата на полуписмените, ниту зајадливоста на завидливите. Толку напнатост и тензија во воздухот, толку намрштени чела, бесни погледи и подготвеност за насилство, вербално, физичко, интелектуално.

Каде сте пристојни луѓе, оние кои персираат, оние кои читаат, оние кои понекогаш одат во театарм оние кои не им викаат на своите мажи/жени, деца, оние кои секоја жена постара од 50 години не ја условуваат со „баба“.

Каде сте културни луѓе кои го пропуштаат автомобилот пред себе, без да изговорат пцовка, каде сте добри соседи кои не фрлаат врз автомобилите паркирани под прозор ќеси со ѓубре и нечиста вода, прашувам каде сте, бидејќи верувам дека ве има многу, но сте се затвориле во своите прибежишта, поучени од своите и туѓите искуства дека е најдобро да се премолчи, да не се мешаме, да ги оставиме будалите да поминат.

А будалите не поминуваат, туку добиваат сѐ поголема сила, се насобираат и групираат, и го менуваат духот на овој град кој некогаш бил полн со мангупи.

Велат урбаната екипа побегнала на село.

Се гледаме таму.

Само и тоа да не го загадиме.

 

 

 

 

Za moju dušu