Категории

Како да ја намалите чувствителноста на забите? Грубата четка само го зголемува проблемот!

По внесувањето на слатка или кисела храна, треба да почекате најмалку половина час за да ги измиете, а за целокупното орално здравје многу е важен изборот на четката. 

Со пречувствителни заби се бори повеќе од 30% од луѓето, но со редовни прегледи тие проблеми можат да се решат. Во голем број од случаите тоа е последица на прегрубо четкање на забите, поради што доаѓа до повлекување на непцата и трошење на глеќта, која е најтенка токму кај забното месо, па доаѓа до излегување на забното ткиво кое е поврзано со нерв. Грубото миење на заби во комбинација со киселини, кои ги има во различни напитоци и сокови, може да доведе до трошење на глеќта и појава на пречувствителност.

Важен е изборот на четката за заби

По внесување на слатка или кисела храна, како чоколадо или портокал, со миењето на забите треба да почекате најмалку половина час. Киселините кои се создаваат во устата по консумирањето намирници кои содржат шеќер можат да предизвикаат чувствителност на забите бидејќи со нивното дејство глеќта на површината полека се нагризува и оштетува. Затоа, во текот на денот намалете го нивното внесување бидејќи на тој начин ги одржувате забите здрави.

За здрави заби и непца многу е важен изборот на четката. Таа треба да биде мека, никако груба, забите треба да се мијат правејќи кружни движења, нежно масирајќи ги непцата и притоа темелно проаѓајќи на секој заб. Просторите помеѓу забите исто така треба да се исчистат со забен конец, но многу внимателно, да не се оштети забното месо.

Навреме кај стоматолог

Ако почувствувате остра болка која не е предизвикана ни од ладен воздух, ни од ледени напитоци, веројатно станува збор за воспаление на нерв. Во тој случај, не ја одложувајте посетата на стоматолог бидејќи проблемот може да се влоши. Дури и ако немате чувствителни заби, посетувајте стоматолог на секои шест месеци за да може на време да се открие секој потенцијален проблем.

Тестирајте ја болката со ладна вода

Болката во забите тестирајте ја со ладна вода. Ако пројде по неколку секунди, веројатно станува збор за пречувствителност. Ако ве боли подолго, околу минута – две, тоа е сигнал дека нервот е воспален. Причина за болката во забите може да биде и нивното често неадекватно полирање со абразивни средства како сода бикарбона.