Категории

Како да стигнете до посакуваната цел? Фитнес приказната на Бојан Тодороски

Секојдневните навики го сочинуваат нашиот целокупен развој, односно се што правиме во текот на денот директно одредува каде и што ќе бидеме ние понатаму во животот. Редовното вежбање, посветувањето време за себе и практикувањето здрав начин на исхрана се вистинските чекори кои ќе ве однесат до посакуваната цел.

За тоа колку е важно секогаш да останете мотивирани и дисциплинирани денеска зборуваме со Бојан Тодороски, младо момче кој и покрај секојдневните ангажмани како фитнес тренер, неуморно тренира и внимава на правилната исхрана која му овозможува да изгледа одлично и вистински да се грижи за сопственото здравје.

Од каде потекнува љубовта кон фитнесот и мотивацијата за секодневните напорни тренинзи?

„Како момче, во помала годишна возраст морав да се соочам со многу негативни работи кои за среќа знаев да ги насочам во вистинскиот правец. Научив во животот да се борам сам, без ничија помош и самиот да ги достигнувам своите цели. Во тинејџерскиот период како слабичко момче со околу 50 килограми решив дека е време да направам некои промени, и од несамоуверен и срамежлив каков што обично и бев, да се обидам да се насочам кон креирање на некои нови цели. Така и решив поактивно да се занимавам со фитнесот. На почетокот од што толку бев слаб ми беше дури и срам да влезам во теретаната за да вежбам. Мислев дека ќе ми се смеат… а и имаше и такви кои се смееја и упорно тврдеа дека нема никогаш да успеам да накачам мускулна маса, но нештата се менуваат. Всушност тие ми ја дадоа  најголемата мотивација, па сега јас уште послатко им се смеам. Прво нешто што направив беше победувањето на стравот и се разбира зачленувањето во теретана. Бев многу посветен, редовен и брзо учев. За многу кратко време имав големи резултати и тоа ме поттикна да вежбам повеќе и да учам повеќе за еден ден да можам и да помогнам на други луѓе за да добијат повеќе самодоверба, да го преминат тој страв од навидум непознатото, а со тоа и да имаат поквалитетен и поисполнет живот. Денес сум фитнес тренер и можам да се пофалам со многу задоволни клиенти правејќи го она за што сонував во моите почетоци.”

Фитнесот не е само спорт, тој е начин на живеење и содржи низа активности проследени со режими на исхрана, подготвени од професионален фитнес-тренер за да се постигне посакуваната цел – да се има здраво тело и здрав дух.

Што се е потребно да се вложи за да се добие убава форма и изглед?

„Најпрво најважна е желбата и да знаеш секогаш зошто го правиш тоа, затоа што во тешките периоди каде што повеќето луѓе се откажуваат, треба да се сетиш зошто си почнал и лесно ќе продолжиш понатаму. Еден  од потешките делови е сепак исхраната, која покрај тоа што треба да се внимаваш на количината, потребно е и правилно да ја зговите (се смее). Тука повеќето ја губат битката во бидејќи тешко е да се внесат правилни 6-7 оброци во текот на денот.
Бидејќи соодветната подготовка ги спречува лошите перформанси, јас мојата храна ја готвам претходната вечер за следниот цел ден и си ја носам со мене во теретана додека имам персонални тренинзи за да можам да јадам на секои 2 часа, односно максимум 3 часа.”

Фитнесот станува се попопуларен во светот, па така и кај нас има голем број луѓе кои се заинтересирани да го променат својот изглед и да се хранат здраво. Некој го прави тоа за да биде во мода, а некој зашто смета дека водење здрав живот, значи и долг живот.

Каков е твојот режим на исхрана и твојот неделен план за тренинг?

„Мојата дневна доза се најчесто  5-7 оброци, во зависност од денот, а еднаш неделно знам да си дозволам “cheat meal“ кога и ми е дозволено да јадам пица, хамбургер или палачинка, или пак се заедно (се смее).

Еден мој типичен ден на исхрана би изгледал вака:

Оброк 1 – Омлет од 2 цели и 4-5 белки + порција овесни снегулки во чај или нискомаслен јогурт
Оброк 2 – Протеински шејк + Банана или Јаболко
Оброк 3 – 300гр Пилешки стек + 100-150гр ориз и зелена салата
Тренинг
Оброк 4 – Протенски шејк со 50гр овес
Оброк 5 – 300гр Пилешки стек + 200-300гр Сладок компир  и златна мешавина
Оброк 6 – Туна + обилна зелена салата и 1 Јаболко и Зелен чај

А во однос на мојот тренинг план, вежбам 5 пати во текот на неделата, најчесто по следниов редослед: Пoнеделник (Гради и Стoмачни); Втoрник (Грб); Среда (Рамo и Стoмачни); Четвртoк (Нозе и Листoви); Петок (Раце и Подлактици)

Дали некогаш се случува да изгубиш мотивација, да престанеш да бидеш дисциплиниран и да направиш некои поголеми отстапки во исхраната и вежбањето, како што најчесто тоа им се случува на поголемиот дел од луѓето?

„Често се случува да изгубам мотивација, но тоа е моментот во кој се издвојуваат оние кои се успешни и останатите кои само се жалат на проблемите и не ги гледаат како нови можности да ги надминат и да бидат посилни од нив, па им се создаваат уште повеќе. Знаете во секојдневниот живот ни се случуваат работи на кои неможеме да влијаеме. Најважно во тие ситуации да останеме позитивни и со позитивно размислување да поминеме низ сите потешкотии и постојано да напредуваме во животот, едноставно секој ден да бидеме подобри личности. Затоа секогаш препорачувам редовно вежбање, правилна исхрана, читање на мотивациони книги, гледање инспиративни видеа наспроти серии и сл. Се со цел нашиот ум постојано да биде во позитивно ментално размислување, а нашето тело здраво и силно. Времето секако ќе помине, но важно е што ние самите ќе направиме со него. Сите ги имаме истите 24 часа дневно, а сепак некои постигнуваат повеќе, а некои помалку. Затоа без  изговори дека немате време, почнете веднаш да работите на себе. Тоа е најдобриот проект на кој некогаш ќе работите.”

Порака до читателите…

„На сите читатели ќе им препoрачам пoвеќе време да влoжат вo себе, а пoмалку да губат време на кафиња (хаха). Оние кoи вежбаат да прoдoлжат, oние кoи не пoчнале да се oсмелат да гo направат првиoт чекoр да си ги прoменат старите навики сo нoви, пoздрави и пoубави, а сo самoтo тoа и да си гo прoменат живoтoт на пoдoбрo вo секoј пoглед.

Пред скоро време започнавме и со еден супер позитивен мотивационен проект “Fit Up”, во кој примарна цел ни е да зборуваме за здравиот животен стил. Автор на проектот е Даниел Данн, а јас ќе бидам дел од фитнес рубриката, па еве нека ова биде јавен повик до сите оние кои можеби и немаат доволно информации или мотивација, а сакаат да започнат да се грижат за сопственото тело, да нé следат веќе од наредниот месец како дел од Утринската програма на ТВ Телма. Апсолутно никогаш не е доцна за нови почетоци и запомнете: сè штo мoже да се замисли мoже и да се oствари.”

Прегледи:
1810
Објавено на:
12.04.2017