Категории

Како правилно да ја исперете омилената јакна со пердуви

Многумина при перењето и сушењето на  зимската јакна со пердуви искусиле големи проблеми кои знаеле да резултираат со згрутчени пердуви во внатрешноста на јакната поради кои таа го изгубила својот првобитен облик. За да не ја уништите вашата омилена зимска јакна, тогаш прочитајте ги советите кои ги споделуваме со вас.

Перење

1. Немојте да перете повеќе јакни одеднаш. Зимната јакна во текот на перењето ќе се надуе и ќе заземе поголем простор во машината, па затоа внимавајте да не ја пренатрупате и перете само една јакна.

2. Немојте да користите класичен детергент. Задолжително перете ја јакната со пердуви со течен детергент за чувствителна облека или пак, со специјализиран детергент за овој тип облека.

3. Пред перењето во машината ставете топчиња. Силиконски или пак тениски – изберете сами и никако немојте да заборавите на нив, бидејќи тие ќе го спречат згрутчувањето на пердувите во текот на перењето. Немојте да се плашите ако јакната од машината излезе непрепознатлива, бидејќи со правилното сушење ќе ја вратите во првобитната состојба.

4. Перете ги овие јакни на програмата за чувствителна облека. Секоја машина има поразлични програми, но за перењето на јакните со пердуви секогаш избирајте ги оние за чувствителна облека во кои температурата на водата не преминува преку 30 или 40 Целзиусови степени.

5. Не перете ја премногу и избегнувајте ја центрифугата. Јакните од пердуви не мора да ги перете повеќе од еднаш или максимално два пати годишно, а кога ќе ги перете немојте да користите центрифуга.

Сушење

1. Ако се одлучите да ја сушите на воздух, тогаш почекајте ветровит ден.Перењето на јакната испланирајте го однапред и задолжително проверете ја временската прогноза доколку планирате да ја суштите на воздух. Односно, пожелно е времето да биде ветровито, бидејќи токму ветрот ќе помогне за побрзо и полесно сушење на јакната.

2. Редовно протресувајте ја јакната во текот на сушењето. Можете да ја ставите на жица или пак на сталажа за сушење алишта, но задолжително протресувајте ја од горната и долна страна за да ги распоредите пердувите. Фатете ја за јаката или горниот дел и протресете ја, а потоа за долниот и повторете ја постапката.

3. Обрнете внимание на згрутчените пердуви. На јакната од пердуви ѝ е потребно доста време да се исуши, понекогаш и од 2 до 3 дена ако ја сушите во текот на влажно и студено време и без помош на ветар. Сè додека имате проблеми со „кршењето“ и растресувањето на згрутчените пердуви, тоа значи дека јакната однатре е влажна, па поради тоа пердувите не се одвојуваат. Јакната на изглед и на допир може да изгледа потполно суво, но грутките се знак дека однатре сè уште не е исушена.

4. Бидете внимателни со машината за сушење. Ако ја ставите јакната во машина за сушење, секогаш правете го тоа на најниската температура, никогаш на висока. Брзото сушење на висока температура ќе го исуши само надворешниот дел, а однатре ќе ја остави влажна. Во машината за сушење задолжително ставете силиконски или тениски топчиња исто како и кај перењето.

5. Центрифугата е последното решение за собраните пердуви. Перењето и сушењето на јакната со пердуви во домашни услови секогаш е ризично и мора да знаете дека секогаш постои можност да се оштети. Токму поради тоа не се препорачува користење на центрифуга во текот на перењето. Меѓутоа, кога во целост ќе ја исушите јакната, но не сте задоволни со конечниот изглед и начинот на кои пердувите се распределиле, јакната можете да ја ставите на програмата за сува центрифуга со најслаба брзина. Тоа може да ви помогне во целост да ги растресете пердувите, но тоа секогаш нека биде последното решение.

Прегледи:
1404
Објавено на:
25.01.2017