Категории

Кога е најдобро време да им ја соопштите вистината на своите деца за Дедо Мраз?

На возраст од осум до девет години повеќето деца сфаќаат дека Дедо Мраз не постои, но доколку детето не е подготвено за да го дознае тој факт, нема ни да го прифати тоа што му го говорите.

Не е воопшто зачудувачки што во поштите ширум светот пристигаат писма до Дедо Мраз адресирани до Северниот Пол, а во нив напишани малите и големите желби на децата. Но, порано или подоцна децата ќе почнат да се запрашуваат за постоењето на тој чудесен дедо.

Најчесто на возраст од осум до девет години, децата откриваат дека подароците под елката всушност се од нивните родители и дека постоењето на Дедо Мраз е мит, но неретко тоа итро го премолчуваат, за родителите да продолжат да ги даруваат. Психолозите велат дека децата се толку паметни што сфаќаат дека Дедо Мраз не постои уште пред родителите да им кажат.

И возрасните се радуваат на Дедо Мраз
Во 2008 година е спроведено истражување во кое психолозите ги набљудувале реакциите на родителите кои ги донеле своите деца на посета на Дедо Мраз во трговскиот центар. Дури 87% од родителите биле видно разнежнети и весели. Стручњаците го објаснуваат тоа така што почитувањето и љубовта кон Дедо Мраз е забавен ритуал за сите возрасти.

Како да им кажете…

Детските психолози бележат ретки трауматични реакции на децата по дознавањето на вистината, како примерот со таткото кој на својата ќерка и кажал дека Дедо Мраз доживеал срцев удар и умрел, но таквиот пристап не се препорачува во никој случај. Детето кое на 12 години сеуште верува во Дедо Мраз, не сака да се одрече од таа илузија поради некои психолошки причини. Затоа, особено е важно на тие деца нежно да им се објасни вистината, па затоа е најдобро на нивните прашања за Дедо Мраз да се одговори со прашање: „ А ти што мислиш? “, или „ Веруваш ли дека постои ?“.

На тој начин децата ќе манифестираат дека се спремни да веруваат дека не постои, или пак дека сеуште не се спремни тоа да го прифатат, па во тој случај не треба да се форсираат.

Во секој случај, важно е да му се објасни на детето целата церемонија околу Дедо Мраз како израз на божиќна веселба и добра волја. Исто така, низ примерот на Дедо Мраз децата можат многу да научат околу дарувањето, помагањето и сиромаштијата.