Категории

Кој е Македонецот кој ќе ја отвора новата сезона на „Ѕвездите на Гранд“? (фото)

Христијан Тришоски (24), младиот талентиран музичар од Кичево е Македонецот кој ќе го скрши мразот на новата гламурозна сцена во студиото и ќе ја отвори новата сезона на најпопуларното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“.

Имено, претстојниот викенд, во сабота на 24-ти септември со почеток во 20 часот започнува 11-тата по ред телевизиска сезона на регионалниот музички натпревар „Ѕвездите на Гранд“, а честа прв да настапи на новата сцена ја има токму нашиот Христијан Тришоски.(како изгледа новата сцена на Ѕвездите на Гранд, кои се новите правила и сите детали за новата сезона на музичкото натпреварување ПРОЧИТАЈТЕ ТУКА!)

Тришоски со музика започнува да се занимава уште од петто одделение кога за прв пат почнува да посетува приватни часови по музика. Своето образование Христијан го продолжил како теоретичар во средното музичко училиште во Битола, а часови по соло пеење почнал да посетува веќе на 17-та годишна возраст. Часовите по соло пеење му помогнале да го одреди својот музички правец и да продолжи како соло пејач на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Христијан Тришоски е роден на 31-ви јануари 1992-ра година, а зад себе веќе има искуство како музички професор во основното училиште „Христо Узунов“ во Кичево. Неговата музичка група „Нота Бенд – Тришо“ брои 5 членови: Христијан Тришоски – вокал, Бојан Кузманоски – клавијатура, Даниел Божиноски – саксофон, Дејан Богданоски – бубњеви и Илија Калески – хармоника.

Единаесетта сезона на „Ѕвездите на Гранд“ носи многу нови предизвици, комплетно нова сцена и ѕидови пред секој член на жирито кои ќе се креваат и симнуваат според дадениот глас. Наградите и оваа година се исти, односно, победникот добива ексклузивен договор на 9 години со продукцијата „Гранд“, комплетен музички албум и стан во Белград.

Прегледи:
438
Објавено на:
19.09.2016