Категории

Која е разликата помеѓу заљубувањето и љубењето?

Ако го отворивте овој текст, постојат големи шанси дека вие не сте заљубени. Барем сè уште не. Сигурно во моментов размислувате дека никогаш досега не сте се чувствувале на овој начин, дека овој пат е сосема различно од претходно и дека постои некоја вонземна моќна сила која ве влече кон него или неа, која е посилна од самата гравитација. Си велите ако ова не е љубов, тогаш што е?

Вистината е дека љубовта не е чувство. Да, постои емоционален аспект во неа, но таа е многу повеќе од обична емоција. Љубовта не е нешто на што налетувате, туку нешто што одбирате да го направите – тоа е свесната одлука да љубите и да продолжите со љубење без разлика на сè.

Размислете, процесот на заљубување и самата заљубеност, колку и да делуваат исто, се всушност две сосема различни нешта. Заљубувањето е минливо. Вие немате контрола врз него. Тоа едноставно се случува и е составено од истите нешта што се содржат во љубовните приказни. Од друга страна пак, за да останете заљубени потребна е дисциплина, храброст и конзистентност.

Вие одбирате да сте заљубени. Вие одбирате да останете заљубени. Вие одбирате да љубите.

Станува збор за избор кој го правите секој ден – од моментот кога се будите рано наутро, до самата секунда пред да заспиете навечер. Тоа е ризик кој одново и одново го преземате. Тоа е нешто што трае доколку вие самите сакате.

Тоа што го чувствувате во моментов, тоа чувство на паѓање, тоа не е љубов. Но, со доволно време, труд и простор може да почне да се развива и полека да станува љубов. Можеби во овој момент, тоа што го чувствувате е надеж. Надеж дека е нешто повеќе од минлива емоција. Надеж дека можеби станува збор за нешто трајно.

Вие не сте заљубени во него или неа. Не, сè уште не. Засега, вие имате надеж во нив. Надеж дека и тој или таа се чувствува на истиот начин.

Прегледи:
357
Објавено на:
25.04.2016