Категории

Колку навистина трошат голф, пежо, форд, фиат: Само два автомобили трошат колку што тврдaт фабриките

Поголем број нови автомобили трошат за 30 отсто повеќе гориво во однос на потрошувачката наведена во декларациите, покажуваат тестовите на „Емишнс аналитикс“.

Возачите тоа набрзо и го чувствуваат на своја кожа, нивните автомобили се многу пожедни на пат отколку што тврдат производителите во брошурите. А, причина за тоа, која секако им одговара на производителите, е начинот на тестирање на потрошувачката, што се спроведува во идеални лабораториски услови.

Кога потрошувачката се мери во реални услови на возење, сепак, се добиваат резултати повисоки и за 45  отсто. „Емишнс аналитикс“ тестира 60.000 автомобили со мобилна опрема поставена на возилата што се движеле во реални сообраќајни услови.

Резултатите практично се поразувачки за сите производители на автомобили и нивните модели – освен за два. Имено, само „астон мартин винтаџ“ и „нисан 370Z“ навистина ја постигнуваат фабричката потрошувачка, а таа е дури и нешто пониска во однос на официјалните податоци на производителот („астон мартин“ за пет отсто,  a „нисан“ за еден отсто).

Од друга стрна, во ова испитување најлошо помина „ФИАТ 500“. Неговата реална потрошувачка е за 45 отсто поголема од фабричката.

Не се прославија ниту некои други популарни модели како што се „форд фиеста“ и „форд фокус“, „тојота јарис“ и „мини“, кои трошеле 40 отсто повеќе од декларираните податоци.

Многу дизелаши, меѓу кои  и „голф“ и „пежо 308“, чиј најголем адут е токму ниската потрошувачка, исто така, ги пречекорија фабричките податоци за  40 проценти. Најмали отстапки забележани се кај „хонда сивик“ (+21 отсто) и „ситроен C3“ (+28 отсто).

Со цел да се намалат разликите меѓу декларираната и вистинската потрошувачка во Европа во 2017 година се воведува нов начин на мерење. Иако и понатаму мерењето ќе биде врз основа на лабораториски услови, овој тест ќе биде помериторен од последниот.

Додека сега разликата во просек е  30 и повеќе проценти, благодарејќи на новиот тест, таа ќе биде преполовена, проценуваат експертите, па отстапувањата не треба да изнесуваат повеќе од  10-15 отсто.

Тие, сепак, истакнуваат дека новите модели  треба да се тестираат во реални услови во сообраќајот, на патишта каде има и надолнина и угорнина, кривина и вклучени клима-уреди, така што корисниците добиваат реална претстава за тоа колку нивниот иден автомобил навистина троши гориво, наместо да се доведуваат до заблуда.

Прегледи:
405
Објавено на:
03.12.2016