Категории

Кралска тврдина со премин во облик на лав – Авантуристичко место во Шри Ланка кое ги мами туристите

Оваа импресивна локација во Шри Ланка, Сигирија, е светско наследство на УНЕСКО. Таа е една од најдобро зачуваните примери за античко урбанистичко планирање.

Сигирија е антички град на карпа висока околу 200 метри во Шри Ланка каде има тврдини и палати изградени од кралот Кашјапа за време на неговото владеење од 473 до 495 година. Тој го избрал тоа место за свој нов главен град. Тој ги украсил sидовите околу палатата со шарени фрески, а на половина пат до врвот изградил премин во форма на огромен лав. Главниот град и кралската палата биле напуштени по смртта на кралот, и сè до 14 век оваа област под облаците служела како будистички манастир.

Сигирија денес е на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Во овој антички град има остатоци од импресивни градини, резервоари за вода и други градби што му биле потребни на кралот и на неговите поданици за удобен живот. Тој е еден од најдобро зачуваните примери за античко урбанистичко планирање. Инаку, зборот Сигирија или Синхагири значи „Лавовска карпа“. Исто така, ова место е една од најпопуларните туристички дестинации, и се наоѓа во близина на градот Дамбула.

За да стигнете до самиот врв треба да искачите дури 1200 скалила. Мускулни болки и неколку капки пот се мала цена да се плати за прекрасниот поглед што се протега таму на сите четири агли на светот.

Прегледи:
547
Објавено на:
23.01.2021