Категории

„Крпен рурален живот“ – Краток документарен филм за борбата на руралната жена во општеството

Краткиот документарен филм „Крпен рурален живот“ во продукција на Види Вака е првиот од шест кратки документарни приказни за граѓани кои се соочуваат со некакви предизвици во остварување на своите работнички права.

Главниот протагонист во „Крпен рурален живот“ е Соња Пусоска од Свето Митрани, храбра рурална жена и мајка на три деца која секојдневно се соочува со низа животни проблеми во својата земјоделска и сточарска работа. „Се малтретирам со децата, ние на тутун, сами оставени да седат, што се вика на Господ. Прво ќе се прекрстам, па ќе берам тутун, дури береме ги мислам,“ истакна Пусоска. Во просек 45% од вкупниот број на вработени во Македонија се во руралните средини. Лани, Регистарот на земјоделски стопанства забележал 175.088 регистрирано земјоделско стопанство. Од нив, 38.328 се регистрирани жени како носители на земјоделски стопанства согласно податоците на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Соња Пусоска истакна дека трудот на село воопшто не ценет, ниту платен. „Само работата ми останува, ништо друго. Што се малтретирам со децата, ние на тутун, тие сами се оставени да седат, што се вика на Господ. Прво ќе се прекрстам, па ќе берам тутун, дур берам го мислам, дали станало, дали паднало или не, дали јадело или не јадело. Тоа е, на село навистина сме оптеретени, ама трудот воопшто не ни е ценет, не ни е платен воопшто,“ кажа Пусоска.
Според Марина Тошеска од ЛАГ „Агро Лидер“, најголемиот дел од работниците во Македонија во неформалната економија се жени.
„Самиот сектор земјоделство во нашата држава сè уште спаѓа во неформалната економија. Според последните статистички податоци 52,3% од работниците се во неформалната економија, а најголем дел од овие работници се жени. Коишто најмногу спаѓаат во 2 категоријата на домашни работници и неплатени семејни работници,“ посочи Марина Тошеска.

Автор на краткиот документарен филм „Крпен рурален живот“ е новинарката Христина Ѓорѓиевска, директор на фотографија е Крсте Шупев, режијата е на Христина Ѓорѓиевска и Крсте Шупев. Продуценти на документарниот филм се Мите Кузевски и Горан Игиќ. Тимот на Види Вака ќе продолжи и во иднина да ги покрива темите кои ги засегаат ранливите и маргинализираните групи и да поттикнува унапредување на човековите и работнички права преку медиумски содржини.