Категории

Ксенија Николова ја издаде својата нова книга „Емотивен манипулатор“: Преку победа на емотивниот манипулатор, до сопствената слобода

Емотивните манипулатори се насекаде околу нас. Се појавуваат во најразлични облици, во секој сегмент од живеењето. Од оние кои манипулираат преку константни лаги, оние кои совршено знаат како да ви го „исперат мозокот“, па се до оние кои умеат да си играат со вашите емоции толку суптилно, што за момент ќе се излажете дека станува збор за љубов.

На крајот сè се сведува на едно – се чувствувате како да ја губите слободата, како некој друг да одлучува за вашите желби, потреби, за вашите животни одлуки.

Емотивната манипулација претставува проблематика за која не се говори доволно, а не засега сите во одреден период од животот. Токму на оваа тема говори Ксенија Николова во својата последна книга наречена „Емотивен манипулатор“ во издание на ИП Култура.

Промоцијата се одржа на 13-ти декември 2017 година, во пријатната атмосфера на „Intermezzo Prive“, каде што многубројните посетители имаа можност да уживаат во цитатите од книгата, како и во пријатниот разговор, каде што нетипично за нејзиниот начин на изразување, можеше да се забележи дека за прв пат се обраќа во женски род.

Медиумот Среќа.мк со задоволство присуствуваше на овој настан како поддржувач, а нашите импресии од книгата на Ксенија Николова се обидовме да ви ги пренесеме во неколку реченици.

Читајќи ги страниците на оваа книга, не можете да останете рамнодушни на љубовната приказна прикажана преку една емоционална состојба која буди најразлични чувства – гнев, бес, болка, осветување, храброст и верба во себе.

Приказна која суштински и многу реално ја опишува борбата и предизвиците кои ни ги носи животот, па затоа речиси секој ќе се поистоветува со улогата на жртвата или емотивниот манипулатор.

Во оваа книга се напишани сите оние мисли кои ги кажуваме во себе, но, немаме храброст да ги изговориме и признаеме, а тогаш кога ќе се соочиме со реалноста ќе сфатиме дека среќата зависи единствено од самите нас, ќе се прифатиме себеси онакви какви што сме и многу појасно ќе гледаме на сè она кое што нè опкружува.

За крај, ништо не ја опишува подобро суштината на оваа книга од посветата на авторката Ксенија.

„Ја посветувам оваа книга на сите оние што биле изгубени и заталкале во сосема друга насока од планираното, низ убавиот хаос наречен – живот. Ќе дојде еден ден и се ова ќе добие смисла. Затоа, не смееме да се плашиме, моќта на нашиот ум е многу поголема отколку што мислиме. И не е лузна, туку искуство, и не е случајно, туку затоа што МОЖЕМЕ да го издржиме“.