Категории

Кумановецот Андреј е првак по информатика на државно ниво, а трет во светот!

Младиот Андреј Величковски, лани успеа да ја освои третата позиција на светско ниво, веднаш зад претставниците на САД и Кина. Покрај тоа, тој е добитник на бројни награди, медали, дипломи, како на државно така и на меѓународно ниво. 

Андреј ја завршува третата година од образованието во средното училиште, кумановската гимназија „Гоце Делчев“.

„Моето најголемо достигнување е на Светската олимпијада по информатика што се одржа во Јапонија. Тоа е најпрестижниот натпревар по информатика и секоја година учествуваат ученици од над 100 земји од светот. Лани прво место освои ученик од САД, второ од Кина и трето јас“, вели Величковски за МИА.

Тој наградата ја добил решавајќи алгортими два дена по пет часа. Решавањето на информатичките проблеми за него е најголем предизвик и во тоа, додава младиот информатичар, најмногу ужива. Секојдневно решава по два часа задачи, а кога се подготвува за натпревари и повеќе.

Само пред две недели Андреј освои златен медал на државната олимпијада, а пред еден месец и прво место на државниот натпревар по информатика.

Професорка по информатика од гимназијата „Гоце Делчев”, Јасмина Денковска која е негов ментор, вели дека Андреј е еден од најдобрите ученици кои ги имала во нејзината кариера.

– Тој вредно работи, многу истражува и претходно учествувал на бројни натпревари. Сега веќе ги проширува своите знаења и можам со право да кажам дека постигнува врвни резулатати, вели Денковска.