Категории

Лара Иванова: Бев спремна да накиснам на дождот, само за да ги отпеам моите песни на концертот кај Владо

Пејачката Лара Иванова (17) за кратко време стана една од миленичките на тинејџерската публика. Нејзините песни постојано се вртат на радијата, а таа со месеци е на врвот на топ-листите. Неодамна пееше и на „Макфест“ и ја освои наградата за интерпретација за песната „Душа“. Но, во јавноста веднаш тргнаа коментарите дека Лара требаше да победи. Изненадена е од успехот што го постигна за неполни две години. Вели, уште од дете по цели денови пеела, а најмногу од сè сакала да сними барем една своја песна. 

„Сега детскиот сон ми е реалност. Не можев ни да замислам дека моите песни ќе се пуштаат толку многу на радијата, а публиката ќе ги сака. Јас првпат пеев на Суперѕвезда и сега кога ќе си го вратам тоа време во мислите, мило ми е што не се откажав од сонот“, вели Лара во разговорот за „Репортер“.

Публиката за песните на Лара вели дека се вистинско освежување. А тоа го мислат и нејзините колеги, кои често се снимаат додека ги пеат, па ги објавуваат видеата на социјалните мрежи. Лара е пресреќна поради поддршката што ја добива од сите нив. Но, вели дека вечно ќе им биде благодарна на Тамара Тодевска и на Владо Јаневски, кои летово ѝ дадоа шанса да пее на нивните концерти како специјална гостинка.

„Со Тамара пеев на нејзиниот концерт на Антички во Охрид. Чувството кога првпат излегов пред публиката на толку голема сцена беше неверојатно. Пред концертот не се видовме со Тамара, но таа ми прати порака да ми посака среќа. На концертот на Владо, пак, цела вечер врнеше, ама јас бев спремна ако треба и да накиснам, само да ги испеам моите песни. Дождот донесе посебна емоција во начинот на кој пеев. А потоа излезе Владо и со неговите романтични песни направи посебна атмосфера“, ни откри Лара.

Преку разговорот Лара ни раскажа дека балетот ѝ е еднакво голема љубов како и музиката. Сега е трета година во средното балетско училиште, а веќе настапила во неколку балетски претстави од репертоарот на НОБ. Не крие ни дека понесена од музиката таа самата ги смислила движењата што ги прави во спотот за песната „Кој е сега крив“ на самото место додека го снимале видеото.

„Така е многу полесно, да играш модерен балет кога те води емоцијата. Сè што е поврзано со уметноста ми лежи – пеењето, играњето, глумата. Настапив и во два детски мјузикла и во двата имав главна улога“, ни рече таа и додаде дека во текот на годините најголемата поддршка за сè што прави ја има од родителите, но и од дечкото, кој исто така се занимава со музика.

Иако е кратко на сцената со Лара, има многу интересни муабети. Од песните што ги пее на англиски и се хит во Русија до дружбите на „Макфест“ и зошто на фестивалите секогаш пее балади. Но, и за дечкото виолинист како преку ноќ стана миленик на публиката, која не ја препознава како лик, туку по хитовите што ги слушаат на радио, ама и за тоа како си поминала со Тамара во Охрид, гледајте го видеото.

Прегледи:
502
Објавено на:
16.11.2021