Категории

Лазаров: Сега сме пред најголемиот успех во историјата

Македонската ракометна репрезентација овој петок ќе започне со походот кон остварување на големиот сон наречен Олимписки игри, а дека квалификацискиот турнир во Гдањс буди посебна мотивација кај сите репрезентативци во А селекција може да се заклучи и од изјавата на капитенот Лазаров на денешната прес-конференција.

Најдобриот македонски ракометар потенцираше дека репрезентацијата никогаш не била поквалитетна и посериозна пред стартот на големиот предизвик, па затоа порача дека со голема страст се чекаат трите натпревари кои можат да и донесат неизмерна радост на македонската нација.

– Сакам да започнам со една важна работа. Со огромна почит кон клубовите кои остваруваат успеси во Европа, но секогаш националната селекција е база за успесите и напредокот на ракометот во нашата земја. Така било, така и ќе остане. Никулецот секогаш треба да биде А репрезентацијата и сите младински категории.

Ние го почнавме тој пат први, заедно сме од 2002/2003 година, се мачевме да дојдеме до едно големо натпреварување, до кое дојдовме после шест години. Потоа ни се укажа и шанса за ОИ во 2012 година, но тогаш не ја искористивме.

Спортот дава втора шанса, за мене овие квалификации се од државен интерес. Ние гордо сакаме да ја претставиме нашата земја на едно Олимписки игри. Атмосферата е одлична, како никогаш досега сме амбициозни, со голема страст и со голема желба ги чекаме овие натпревари.

Се надеваме дека во недела со сите вас ќе се радуваме на најголемиот успех и дека ќе биде првиот колективен тим во Македонија кој заминал на ОИ, – потенцираше Кире при обраќањето пред новинарите.

Прегледи:
399
Категории:
Ракомет · Спорт
Објавено на:
07.04.2016