Категории

Љубљана за неколку години ќе биде град без отпад

Љубљана е првиот европски главен град кој се обврза дека ќе стане град без отпад (zero-waste), пишува The Guardian. Но, пред петнаесет години, целиот отпад сѐ уште беше фрлан директно во депонија. Поради тоа, градот одлучил да го промени правецот.

Сѐ започна 2002. година со одвојувањето на хартијата, стаклото и амбалажите во контејнерите покрај улиците. Четири години подоцна започна собирањето на биоразградлив отпад од врата до врата.

Одвоеното собирање на био отпадот во 2023. година ќе стане законска обврска во цела Европа, но Љубљана е речиси деценија пред нив. Во 2013. година секој праг во градот доби канти за фрлање на амбалажи и хартија. Тоа ги натера луѓето ефикасно да го раздвојуваат отпадот.

Резултатите се импресивни. Во 2008. година рециклиран е само 29.3% од отпадот во Љубљана и заостанувал во однос на другите градови во Европа. Денес тој процент изнесува 68%, а на депониите се носи околу 80% помалку отпад, што ја става Љубљана на самиот врв кога станува збор за рециклирањето во европските градови. Европскиот град со најмалку отпад е малиот град Тревисо во Италија со 59 кг.

Развојот на најмодерната фабрика во Европа за третман на биолошки отпад бил голем чекор во постигнувањето на целта да се рециклира минимално 75% од отпадот до 2025. година. Регионалниот центар за управување со отпад е отворен во 2015. година и денес е во служба на речиси четвртина од Словенија, користи природен гас за произведување на топлина и струја, преработува 95% од отпадот во материјали кои можат да се рециклираат и во цврсто гориво, а испраќа помалку од 5% на депониите. Дури го претвора и био отпадот во висококвалитетно ѓубриво за градини.

Но, не станува збор само за преработката. Превенцијата, повторната употреба и рециклирањето се приоритет. Покрај собирањето од врата на врата, Љубљана има два центри за отпад од домаќинството, каде што граѓаните имаар можност да го фрлаат своето ѓубре. Еден е толку популарен – прима околу 1000 посетители дневно – така што градот планира да изгради уште најмалку три со уште 10 помали центри во населените области. Работите кои не се искршени се користат повторно: предметите се прегледуваат, се чистат и потоа се препродаваат по пониски цени. А имаат и работилници каде што граѓаните може да научат како да ги поправат скршените предмети.

Трендот во градот е отворањето на zero-waste продавницата. Уште една иновација е тоа дека градските институции користат тоалетна хартија произведена од рециклираната амбалажа од млеко и сок.

Во стариот град каде што нема доволно простор, инсталирани се 67 контејнери под земја, контејнерите се отвораат со картичка која ја добиваат станарите.

Иако е полн со туристи, центарот на градот е чист. Чистачите го собираат ѓубрето пешки, а посебни возила ги чистат улиците користејќи ја дождовницата која се собира од кровот на компанијата Вока Снага и биоразграден детергент. Речиси секој агол има контејнери за хартија, амбалажа и био отпад.