Категории

Маестро Џијан Емин и светскиот диџеј Дерик Меј настапуваат во престижната „Ројал Фестивал Хол“ во Лондон

По успешните концерти со Филхармонијата на РСМ – „Ну погоди“ и „Љубов и револуција“, коишто се случија под името „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк, потоа авторскиот проект „Нурни длабоко“ кој се одржа во Охрид во Античкиот театар, како и мултимедијалниот проект „Гласот на езерото“, следната уметничка дестинација на маестро Џијан Емин е Лондон.

На 29 август во една од најпрестижните концертни сали во светот – „Ројал Фестивал Хол“, заедно со оркестарот „Сити оф Лондон Синфонија“, Џијан Емин ќе настапи како диригент заедно со реномираниот диџеј Дерик Меј, чија успешна соработка трае годиниве наназад на меѓународните сцени. На концертот во Лондон ќе бидат изведени композиции на Меј и на Емин, за чија оркестрација се погрижи токму македонскиот истакнат уметник.

Се работи за нов концепт во кој се вклучени и неколку џез-музичари, со цел да се добие нов звучен израз, покрај електро-акустичниот пристап кон симфонискиот оркестар. Концертот ќе претставува нова колаборација со агенцијата „Полиартс“ од Лондон, која е дел од една од водечките светски агенции за класична музика –
„Харисон Парот“.

Само да потсетиме, Џијан Емин и пионерот на детротската техно-сцена Дерик Меј, заедно со Филхармонијата на РСМ првпат настапија во 2014 година во Охрид, а изминативе години овој проект беше претставен на фестивали и концертни сали низ Европа, Америка и Австралија.