Децата љубопитно ја гледаа и се стрчаа по неа подготвени да ги добијат задачите и да го видат изненадувањето. Таа седна на дрвената клупа во дворот и им ги подаде краевите на двете волници на децата објаснувајќи им дека треба да се оддалечат од неа и да ги оптегнат црвенобелите нишки, па вешто држејќи го едниот крај на белата волница со устата, а црвената со треперливите раце, ги испреплетуваа црвено-белите конци.

– Драги мои дечиња, утре е први март и затоа денеска треба да направиме мартинки. Тоа се амајлии да Ве штитат од лошо. Откако ќе ги испреплетиме конците ќе ги ставиме под камен кај трендафилот, ќе ставиме и стомна со вода. Но, за нив никој не треба да знае, каде се и не треба да кажувате на никој. Утре наутро ќе дојдите и ќе се измиете со водата од стомната, а потоа ќе ви ги врзам на рацете за здравје, да ве штити од лоши работи, децата да не ги гори сонцето, да се бели и црвени, им објаснуваше баба Марика.

Таа ги потсети децата дека кога ќе ја видат првата ластовичка ќе ја тргнат мартинката од рацете и ќе ја стават под камен, но задолжително ќе си замислат и желба.

Баба Марика и уште неколку постари жени во делчевското село Тработивиште сѐ уште ја почитуваат традицијата на правење мартинки, ја чуваат од заборав и ги развеселуваат децата, иако денес овој чин на правење мартинки е многу редок, бидејќи повеќето се одлучуваат мартинките да ги купуваат.

Мартинките во Пијанец

Во Пијанечко, мартинките имаат посебна магиска формула и значење, а подготовката на мартинките го следат низа обичаи, објаснува фолклористот Димитар Узунски кој повеќе од половина век ги проучува традициите во Пијанец.

-Под притисок на новото време се поголемото намалување на бројот на жителите во населбите доаѓа до занемарување на народните традиции и обичаи или до нивно прилагодување до современите услови. Така е и со обичајот правење мартинки. Овој обичај се изведува пред почетокот на прва марта, или последниот ден од месец февруари, а се изработива од бел и црвен конец. Белиот конец, значи тие што ја носат да се бели, а црвената да се здрави. Кога се става вечерта мартинката да преноќи под некој убав цвет скриена под камен, не треба никој да ја види, ниту да се зборува додека се прави мартинката, оти таа има магиско- заштитно дејство, за да штити за здравје, бериќет и плодност.  Порано кај нас, момчето ако ја гледа девојката што му се допаѓа, каде ја става мартинката, тој ќе ја земе мартинката и утрото кога ќе види девојката  дека ја нема мартинката, тој ќе дојде кај неа и така ќе почне блискоста меѓу девојката и момчето. Или често момчето ќе го истури бокалот со вода што стои до мартинката, па девојката ќе се интересира кој и ја истурил водата, раскажува Узунски.

Тој објаснува дека мартинката треба да се носи на левата рака, но скриена никој да не ја гледа, а може да се стави околу вратот, но исто така да биде скриена под блузата за да не се гледа.

-Мартинката има за цел да нѐ штити и ако ја носиме, во текот на работата по полето сонцето нема да нѐ изгори. Мартинката се носи сѐ додека не се види првата ластовичка. Кога ќе се види, скришно се вади мартинката и се остава под каменче и се замислува одредена желба. Сега, почесто овој обичај се изведува на малите деца, вели Узунски.

Легендата за смрзнувањето на бабата со козите

Во народниот календар на Шопско-брегалничката етнографска целина, овој празник, речиси, секогаш се поврзува со приказната со познатиот мотив за смрзнувањето на бабата, која ги истерала своите кози и јариња на планина да пасат, неплашејќи се од студот.

-Постојат голем број народни преданија и верувања, а едно од нив вели дека месеците од годината претставуваат едно големо семејство во кое има браќа, но има една сестра. Официјана сестра на сечко е месецот март. Кога завршувал месецот сечко, една баба од селото, рекла дека ќе ги носи на пасење в планина своите кози и јариња, а некој ја сретнал и и рекол дека уште е сечко и не треба да оди в планина. Но, бабата самоуверена го исмејала и навредила и сечко и марта велејќи дека не им се плаши и дека времето ќе биде убаво. Но, навредата ја слушнал Сечко и отишол кај сестра му Марта за да побара уште три дена, бидејќи веќе ги потрошил своите денови од месецот. Баба Марта му рекла дека првиот ден нема да му го даде, бидејќи сите ѝ го празнуваат, но другите два ќе му ги даде. Во народот, тие денови се познати како бабите или замениците. Во тие денови, навистина, сечко успеал со својата силина да ја замрзне бабата, раскажува Узунски.

1 2

Прегледи:
912
Објавено на:
01.03.2018