Категории

Младиот музички талент Давид Тодоров ја претстави музичката адаптација на песната „Денови“ од Кочо Рацин

(ВИДЕО) „Идејата за песната ја добив читајќи го текстот кој е безвременски и до ден денес многу малку работи се сменети од денот кога е напишан. Музиката ја пишував лани во август месец, така што внимавав да се чувствува оној традиционален македонски мелос, а музичките мотиви на еден мрачен начин да ја доловаат главната идејата на Рацин, а истовремено и да ја отсликаат реалноста на модерното општество. На крај сметам дека излезе еден балансиран спој помеѓу старото и новото.“

„Откако завршив со компонирање на музиката, време беше да се соберат луѓе кои ќе ја изведат на вистински начин. Песната е снимена во студиото на Дино Зукиќ, Dino’s Home Studio, кој освен што е продуцент на песната, даде свој допринес како тапанар и басист. Аранжманот сакав да го збогатам со повеќе различни инструментални текстури, од пијано до оргуљи, и за тоа Симеон Иванов навистина беше на висина на задачата. Откако ги снимивме сите инструменти, дојде време да се размислува кој би ја пеел песната, бидејќи излезе навистина
тешка. Александрос Павлидис тоа го изведе беспрекорно на начин на кој ни јас самиот не замислував дека може да биде изведено.

Следеше период на миксирање на песната од страна на Дино Зукиќ, а за време на тој период паралелно барав човек кој ќе може да помогне со снимање на спот. Мојот драг пријател Петар Тутунџиев, веднаш ја прифати понудата. Се договоривме да го снимаме на две локации, во археолошкиот локалитет Стоби, и во куќата на Кочо Рацин. Дополнително за да се долови идејата на песната, го зачинивме спотот со најразлични снимки од работници денес, на кои што слушајќи го текстот неминовно помислуваме. По околу месец дена процес на монтажа, за производот што излезе, Петар Тутунџиев навистина заслужува длабок наклон.“

Промоцијата на песната беше одржана во Драма кафе во Велес а настанот го отвори Александар Сашко Кукулев, новинар, публицист и еден од најдобрите познавачи на животот и делото на Кочо Рацин. Тој го отвори настанот со следниот говор: Александар Сашко Кукулев:

“Почитувани пријатели Кога пред речиси еден месец ја добив поканата да го отворам овој настан и да ве поздравам во името на сите кои посветено и макотрпно работеа на песната и спотот што го промовираме денес, се почувствував привилегирано и задоволно, поради фактот што можам да присуствувам на настан кој несомнено претставува авангарден обид, што ја премостува новата реалност и чекори по веќе добро познатите патеки на макотрпна работа која секогаш изнедрува квалитет. Во еден мој текст посветен на Коста Рацин, обраќајќи му се… напишав “Ние се раѓаме со научени стихови, им се радуваме на првите планински цвеќиња со кој самовилите те овенчуваат со секои нови бели мугри. Имаме силно оружје, со стихот удираме по неправдата, во болка-со стих воздивнуваме ….а ти… конечно имаш право да се разлееш во насмевка..да погледнеш од пиедесталот на горската светлина и да видиш кој дошол во твојата планинска одаја на вечноста. . . се Рацин до Рацин.”

Со оглед на тоа дека Рациновата песна Денови, е земена како лајт мотив за песната што ја промовираме денес, јас единствено можам да се согласам дека пред нас имаме исклучително сериозно музичко дело, кое својата основа ја бара во безвременоста на Рацин без да талка по трендовсските беспаќа и недоречености. Напротив, имаме песна која се роди за да живее многу подолго одошто можеби ние во моментов предвидуваме, песна чија хармонска линија пинкфлојдовски инклинира кон севкупната сетилност, а веќе познатите стихови добиваат нова мемориска димензија која долго ќе се потпевнува. Давид и неговите другари од бендот, денес ни одржуваат лекција по упорна истрајност, чии плодови вечерва заеднички ги уживаме.

Многу симболика во стиховите од песната се преточи во реалност, особено во маките и потешкотиите да се дојде до краен производ. Градот останува нем, помошта ретка или од никаде, а желбата да се успее поголема од планина. Најслатки се овие победи, на кои вечерва заеднички им се радуваме.
Да не должам повеќе честитки за Давид, за одличниот вокал на Александрос Павлидис, одличната продукција на Дино Зукиќ и Dino’s home studio и видео записот кој го потпишува Петар Тутунџиев !