Категории

На 3. ноември ќе се одржи балетската претстава „Жизел“ од Адолф Адам во НОБ

На 3 ноември 2021, со почеток во 20.00 часот во Националната опера и балет ќе се изведе новата балетска продукција на романтичниот балет во два чина „ЖИЗЕЛ“, премиерно одржанa на 30 октомври 2021.

Од неговата праизведба во Париз 1841 па до денес, тоа е еден од ретките балети кој има непрекината традиција на изведување.

Магичната и безвременска приказна за несреќната љубов, преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, а во кореографија на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа, Леонид Лавровски. Адаптацијата на кореографијата е на Ирена Пасариќ од Хрватска, Пасариќ е хрватска примабалерина со богата домашна и меѓународна кариера, како и поранешен директор на Балетот на Хрватско народно казалиште (ХНК) во Загреб.

Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Костимографијата е на Александар Ношпал, сценографијата на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, светло дизајн: Милчо Александров.

Во насловната улога ќе настапи првенката Мими Поп Алексова Атанасовска , Алберт: Бобан Ковачевски, Хиларион: Игор Веланоски, Мирта: Ивана Коцевска, Па де де: Христина Наќевска, Ендру Кук (Англија).

Настапува оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.

Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против КОВИД-19 или потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Задолжително е носење на заштитна маска.

Прегледи:
514
Објавено на:
01.11.2021