Категории

На денешен ден за прв пат беше испечатена стихозбирката „Бели Мугри“ на Кочо Рацин

„Бели мугри“ е едно од најзначајните литературни дела во современата македонска поезија.

На денешен ден (25 ноември) во 1939 година во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб во Хрватска, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат стихозбирката „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин е составена од 12 песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни) напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми.

Ве потсетуваме на една од неговите песни кои останаа врежани длабоко во македонското наследство.

КОПАЧИТЕ

Се к’ти ноќта црна!
Се р’ти карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!

 

Пробудете се морни
копачки и копачи –
на трудот
црн
народ!
Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден –
да тргнеме и ние
страдалници од век!

 

На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!

 

На работа!
На труд!

 

Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.

 

И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.

 

На работа!
На труд!

 

Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!

 

Ораме со рало
но земјата ни златна
колку е богата!

 

На пепел троскат, пелин!
Во огин пламен јад!

 

Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.

 

И в таја мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та бијат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јад!

 

Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!

 

На работа!
На труд!

 

Та не сме саде ние
та не сме саде тука –
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн –
народ!

 

Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
ќе б’сне сонце златно –
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот –
ќе л’сне живот нов!

 

И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековита смрт!
Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!

 

Се кати ноќта црна!
Се рути карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!