Категории

Најубавите градови во бивша Југославија

Факт е дека Југославија била една од најубавите земји, кои имала повеќе прекрасни градови, од кои некои излегувале на море, други на езеро. 

Нашиот Охрид се најде на листата на најубави градови во бивша Југославија направена од блогерката Ника Богданиќ, чија пасија се патувањата.

Токму поради својата природна убавина и историја, Охрид е ставен на листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Сместен е помеѓу огромни планини и три милиони години старо езеро, кои се виновни за прекрасната клима во летниот период. Покрај опуштање покрај крајбрежјето или забавување благодарение на богатиот ноќен живот, вреди да се посетат и некои стари цркви и манастири. Речиси секој Македонец се обидува да оддели најмалку еден викенд од годината во кој ќе го посети Охрид и ќе ужива во неговите убавини.

Кои се останатите најубави градови од Југославија?

Љубљана

2

Овој мал скапоцен камен во кој живеат околу 270 илјади жители е најголем град во Словенија. Реката Љубљаница тече низ целиот град, поминувајќи покрај барокните згради и древниот дворец на брдото. Атмосферата на овој град е многу опуштена, а истиот не е толку голем, па можете да шетате низ него.

Загреб

3

Главниот град на Хрватска е сместен покрај реката Сава и во подножјето на планината Медведница. Овој град се карактеризира со австо-унгарска архитектура, мноштво паркови и шармантни мали улички, што е една од главните причини која ги привлекува туристите од светот. Овозможете си прилика да го посетите Горниот град, каде што можете да ја видете црквата св.Марко, катедралата, Камената врата или да прошетате по Строс шеталиштето. Загреб е познат по својата култура од седење во кафе-барови и кафеани со часови, па воопшто не се двоумете дали и вие да се опуштите во некој локал во строгиот центар.

Белград

4

Главниот и најголем град на Србија лежи врз двете реки Сава и Дунав. Освен пловењето по реките, задолжително за посета е тврдината Калемегдан, Националниот музеј, Националниот театар и улицата Кнез Михајловиќ. Ако сте расположени за рекреација навратете до Ада Циганија, некогашен остров на Сава, кој е споен со своето десно крајбрежје и на тој начин создава вештачко езеро. Исто така, Белград ја има можеби најдобрата репутација за генијалниот начин на живот, многубројните клубови, барови и сплавови со различна музика за сечиј вкус.

Сараево

5

Најголемиот град во Босна и Херцеговина, често се нарекува и Европскиот Ерусалим, бидејќи до 20 век, бил единствениот европски град кој имал џамија, католичка црква, православна црква и синагога. Градот има исклучително тешка историја. Кога Западното и Источното Римско царство се разделило, католиците, православните и муслиманите научиле како да живеат заедно. Иако не е голем град, Сараево е многу жив град, славен по различностите, пријателски настроените луѓе и фантастичната храна.

Нови Сад

6

Овој град се наоѓа во северна Србија и има околу 250.000 жители. Најпознат е по Петроварадинската тврдина, каде што од 2000 година се одржува фестивалот EXIT. Исто така, добро е да го посетите и старото градско собрание на плоштадот Слобода, катедралата на Св. Ѓорѓија и црквата св. Марија.

Мостар

7

Овој град претрпел најголеми последици за време на војната. Најпознат е по Стариот мост над реката Неретва во центарот на градот. По војната е обновен, а во изградбата користени се и оригиналните делови извлечени од реката. Потоа, тој повторно станал енергична и прекрасна дестинација. Отоманската архитектура, живите пазари и пријателските луѓе го исполнуваат Мостар со позитивна енергија., која вреди да се почувствува.

Будва

8

Лоцирана во центарот на црногорското крајбрежје, оваа дестинација има стил на Монте Карло. Богатиот ноќен живот, луксузните ресорти и многубројните прекрасни плажи се причината поради која се развил масовниот туризам. Будва има дел и за младите и за повозрасните, за кои е резервиран стариот град во кој се одржуваат театарски претстави, опери и културни манифестации скоро секоја вечер преку летниот период.

Дубровник

9

Уште еден град на листата на светско културно наследство освен нашиот Охрид, е и Дубровник, познат по импресивниот Стар град кој го опкружуваат масивни ѕидини од 16 век. Дури и режисерите на серијата „Game of Thrones“ ја препознаа неговата убавина и снимаа одредени сцени токму тука. Познат е и по неверојатната архитектура, споменици, извонредни цркви и музеи и енергичната атмосфера. За најдобар поглед, качете се на планината Срѓ над градот и уживајте во незаборавниот видик.

Прегледи:
889
Категории:
Патувања
Објавено на:
07.02.2016